И покрај нашата добра волја, но и на државниот врв од осамостојувањето до денес постојано да попушта, дури и на своја штета, меѓународната заедница не го исполни она што го вети, почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ. Наместо тоа, земјава доби нови условувања. Затоа, повеќе од јасно е дека и двата договора, и оној со Бугарија и оној со Грција, кои беа подготвени во странски кујни, го продуцираат новиот „северномакедонски“ идентитет, па затоа тој и се промовира од нивна страна

Замислата за „северен“ идентитетски инженеринг добива динамика

Со потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија во 2017 година и со Преспанската спогодба со Грција една година подоцна, македонските власти веруваа дека ќе се направи исчекор во евроатлантските интеграции, дека инкорпорирањето во таквите системи ќе овозможи брз и динамичен економски, социјален, па и безбедносен развој на Македонија. Членството во НАТО стана реалност, но динамиката на бенефициите од тоа се закочи на ниво на „статус кво“. За европските интеграции, пак, воопшто не треба да се разговара, бидејќи и покрај нашите колосални суштински идентитетски отстапки, работите не само што не мрднаа од место туку и се уназадија, бидејќи испорачаните барања од страна на некои ЕУ-членки беа далеку од Копенхашките критериуми и се идентификуваа со уцени и политички ултиматуми.

Со секоја примена на терминот „северномакедонци“, парче по парче се обезличуваат македонскиот народ и нација

Со нашите длабоки отстапки на добра волја, многумина веруваа и дека ќе се решат отворените прашања со соседите. Но ставањето потпис на несиметричните меѓународни договори, за жал, произведе „правно-политички деривати“ што, според толкувањето на меѓународноправни експерти, произлегуваат токму од нашите преземени обврски. И тоа токму во најсензитивниот дел на идентитетската супстанција: името на државата! Според толкувањето на експертите, самото депонирање потпис за промена на името е најтесно поврзано со „создавање нова вештачка северномакедонска нација“, која полека како да почна да се одомаќинува кај меѓународните претставници, кои одат и чекор понатаму, па оваа реторика почнуваат да ја одомаќинуваат и тука во земјава.
Неодамна претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, од говорницата на македонската влада го нарече македонскиот народ „северномакедонски“, а објаснувањата дека станувало збор за некаков лапсус повеќе не држат вода, бидејќи премногу вакви лапсуси се случија во краток временски период и уште почесто на македонски терен. Тоа јасно говори за една странска интенција „северномакедонците“ сè почесто да одѕвонуваат во ушите на македонските граѓани, за на крајот да ја прифатат новата реалност.
Уште подалеку отиде министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој појасни дека за нас е многу поважно што Фон дер Лејен често ни доаѓа во посета, а најмалку важно е што направила лапсус со името на нацијата и дека не треба од тоа да се прави проблем.
Претходно со „северномакедонски“ нè честеа и францускиот претседател Макрон, но и голем број други високи европски политичари. Сето ова говори дека договорите со Бугарија и со Грција, всушност, се добро замислени сценарија за конечно решавање на македонското прашање на Балканот, така што целосно ќе се обезличи една нација и ќе се изгради наратив за нова „северномакедонска“ нација.

Генезата на „северномакедонската“ нација е во договорите со Грција и со Бугарија

Ако внимателно се анализираат договорите со Бугарија и со Грција, јасно може да се заклучи дека и двата договора во најголем дел предвидуваат обврски само за Македонија, односно се целосно асиметрични. Тоа значи дека двете соседни земји ќе може да ја диктираат имплементацијата на договорите онака како што тие замислиле. Бугарија со идентитетските и историските прашања, Грција со името на државата и прекинувањето на сите врски со антиката. Кога на тоа ќе се придодаде и нашето откажување од грижата за малцинствата во соседните држави, тогаш сликата станува комплетна.
Имено, и од двата договора произлегоа деривати што целосно ја обезличуваат македонската и создаваат нова „северномакедонска“ нација, чија историја започнува од 2018 година, без никакви врски со минатото, без малцинства во соседните земји, едноставно се прави бришење на еден цел народ и негово идентитетско преобликување.
Со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија се овозможи директно задирање во идентитетот и историјата на македонскиот народ, а наводното заедничко чествување историски настани е само преоден период во кој треба да се побугарат сите празници што биле важни за македонската историја.
– Неправедниот Берлински конгрес ги остави македонските Бугари надвор од граничната бразда на слободна Бугарија, но не успеа да им ја одземе надежта дека не е далеку денот на повторното обединување со татковината – напиша деновиве бугарскиот претседател Румен Радев на својот официјален претседателски фејсбук-профил по повод Денот на слободата на Петрич, со што уште еднаш, којзнае по кој пат јасно стави до знаење дека за нив нема Македонци.
Од своја страна, искусната грчка дипломатија вешто ја играше играта со преименувањето на државата бидејќи добро знаеше дека од новото име ќе произлезе и новиот идентитет.
И покрај добрата волја од наша страна постојано да се попушта, дури и на своја штета, меѓународната заедница не го исполни она што го вети, почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ. Наместо тоа, земјава доби нови условувања. Затоа, повеќе од јасно е дека и двата договора, и оној со Бугарија и оној со Грција, кои беа подготвени во странски кујни, го продуцираат новиот „северномакедонски“ идентитет, па затоа истиот тој меѓународен фактор работи на негова промоција.

Процесот на креирање нова нација е во тек, до нас зависи дали ќе го спречиме

Очигледно, процесот на креирање нова „северномакедонска“ нација однадвор во изминатиот период треба да се спречи. Сериозно предупредување е дека тој процес добива динамика и во таа насока треба да се сфати и притисокот од Брисел за внесување на Бугарите во македонскиот устав. Од тие причини, наместо инфериорен однос, Македонија е таа што треба решително да ѝ стави крај на оваа практика на „северизација“ на нацијата, користејќи ги сите формалноправни алатки што ѝ стојат на располагање.
Аналитичарите сметаат дека откако „северномакедонците“ станаа реалност за меѓународната заедница, не треба никако да се дозволи следен чекор да биде прифаќање на новото идентитетско обележје од овдешната јавност. А дека овој процес тече, може да се забележи како полека, на лажиче, меѓународните претставници ни го „одомаќинуваат“ новиот идентитет.
– За жал, „проектот“ си оди понатаму и сега следната фаза е како да се применува внатре во државата и како целиот македонски народ да прифати дека сите сме „северномакедонци“ (а не Македонци). Ваквиот асимилаторски „проект“ идеално одговара на бугарскиот план и проект за насилна асимилација, односно бугаризација на македонскиот народ – вели универзитетскиот професор по меѓународно право од Институтот за политички студии во Белград, Игор Јанев.
Според него, и двата договора, и оној со Грција и оној со Бугарија, имаат цел да дефинираат нова „северномакедонска“ нација и тоа веќе се случува.
– Со Преспанскиот се асимилираат Македонците во Грција, директно, а се овозможува и асимилацијата во сите соседни држави на т.н. „РСМ“. Со негација на „Македонци“ и трансформацијата во „северномакедонци“ се трасира директната асимилацијата во Бугари, бидејќи „северномакедонци“ се очигледно вештачка договорна творба, која понатаму може да се трансформира на договорен начин (претпоставено во Бугари). Субјектот што настанал пред три години, поточно со Преспанскиот договор, очигледно нема никаков историски и културен континуитет, ниту во временска ниту во просторна смисла – констатира професорот Јанев.
Тој смета дека Македонија нема речиси никаков маневарски простор да го спречи создавањето на новата „северномакедонска“ нација, ниту, пак, некакви алатки со кои формалноправно би им се спротивставила на ваквите етноцидни замисли. Дипломатијата потфрли, институционален одговор нема, политиката секогаш е на линија на помал отпор и да не се замери со соседите, така што единствена шанса да му се стави крај на ова рекреирање на македонската нација, како што препорачува професорот Јанев, е да се раскине Преспанскиот договор.
– Единствениот начин да се спречи ова кршење на основното колективно човеково право е да го раскинеме Преспанскиот договор, да ги известиме за овој чекор ООН и да предложиме во Генералното собрание на ООН да се продолжи нашето членство во светската организација со името „Република Македонија“. Доколку Генералното собрание на ООН изгласа со просто мнозинство резолуција со новото, односно старо име со кое аплициравме, тогаш ќе имаме право да го користиме во ОН името „Република Македонија“. Ако не успее оваа година или следната, ќе се обидуваме секоја година, сè додека предлогот не помине – истакнува Јанев, појаснувајќи дека тоа е единствената ефикасна алатка со која би можело да се запре создавањето на новата „северномакедонска“ нација.