Фото: Игор Бансколиев

Едноставно кажано, сегашните правила им ги загрозуваат здравјето и безбедноста на играчите. Правилата сега создаваат исклучително предизвикувачка ситуација и не нудат поддршка за медицинскиот персонал, вели д-р Адам Вајт, шеф на Одделот на ПФА за здравјето на мозокот

ФУДБАЛ

Здружението на професионални фудбалери (ПФА) на Англија ги обнови повиците за воведување привремени замени за повреди со потрес на мозокот, по новите контроверзии изминатиот викенд, пишува британски „Индепендент“. Голманот на Астон Вила, Еми Мартинез, доби удар во главата при несреќен судир со соиграчот Тајрон Мингс во првото полувреме од поразот со 4-0 на неговата екипа од Њукасл во саботата, но првично остана на теренот по долгиот третман пред да биде заменет набргу потоа. Инцидентот предизвика нова дебата за протоколите за повреда на главата, а ПФА соопшти дека сегашните правила ги ставаат играчите во „сериозен ризик“.
– Едноставно кажано, сегашните правила им ги загрозуваат здравјето и безбедноста на играчите. Правилото за замена не им дозволува на медицинските тимови во соодветна средина да проценат играч со потенцијално сериозна повреда на мозокот. Правилата сега создаваат исклучително предизвикувачка ситуација и не нудат поддршка за медицинскиот персонал – вели д-р Адам Вајт, шеф на Одделот на ПФА за здравјето на мозокот.
Во декември 2020 година, Бордот на Меѓународната фудбалска асоцијација (ИФАБ) воведе пробен период за трајни замени за потрес на мозокот, замена што нема да се смета во дозволените пет на секој тим. Премиер-лигата, Фудбалската асоцијација и Англиската фудбалска лига последователно го усвоија правилото во сите професионални натпреварувања, потег што беше широко поздравен во тоа време, пишува „Индепендент“. Но ПФА продолжува да се залага за воведување привремени замени за потрес на мозокот, што ќе му овозможи на медицинскиот персонал подолго да ги проценува потенцијалните повреди пред да донесе одлука за тоа дали играчот треба трајно да биде заменет за тој меч. Синдикатот на играчи, исто така, изјави дека европското раководно тело, УЕФА, допрва треба да го интегрира правилото за постојана замена за потрес на мозокот во големите натпреварувања.
– Оваа ситуација треба итно да се реши. Како минимум, УЕФА, како едно од главните фудбалски тела, мора да води со пример и да го воведе достапното правило за трајна замена за потрес на мозокот – рече Вајт.