Фото: Игор Бансколиев

На континенталното првенство во Македонија, Словенија и во Црна Гора, последен пат 16 селекции ќе учествуваат во трката за престижниот пехар. Македoнија беше организатор и на ЕП 2008, на кое го освои седмото место, што е најдобар пласман досега на ЕП. А токму домашниот терен и бучната публика беа дел од факторите за конечниот пласман

ЕХФ ВО ПРЕСРЕТ НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО ЗА РАКОМЕТАРКИ

В петок почнува Европското првенство (ЕП) за ракометарки во Словенија (Љубљана и Целје), Македонија (Скопје) и во Црна Гора (Подгорица), на кое последен пат 16 селекции ќе учествуваат во трката за престижниот пехар. Како што се приближува почетокот на ЕП, така расте и моралот на земјите домаќини, кои секако имаат намера да се претстават во светло издание пред своите гледачи, со тоа да креираат нова сопствена спортска историја, пишува Европската ракометна федерација (ЕХФ) на својата официјална интернет-страница.
Младата селекција на Македонија не одигра ниту еден пријателски натпревар и ги вложи сите сили на претстојните тренинзи, во кроењето на тактиките со кои ќе настапи, пишува ЕХФ. На неколку дена пред првиот дуел (в сабота, со олимпискиот првак Франција), репрезентацијата имаше средба со раководството на Ракометната федерација на Македонија, која ѝ посака успех, но и подршка за дуелите што ги очекува. Еднакви амбиции негува и репрезентацијата на Црна Гора, европскиот првак од 2012 година, која се надева на добра поддршка од трибините за да обезбеди пласман во главната рунда. Да се има комплетен тим, без никакви повреди, е нешто што селекторката Бојана Поповиќ долго го посакува, а моралот е на високо ниво по победите на двата пријателски меча со Словачка (37-20 и 33-24), пишува ЕХФ. Словенија одигра два пријателски натпревара со Хрватска и, покрај тоа што ги загуби, селекторот Драган Аџиќ е задоволен од нивото на играта, особено од вториот дуел, кој го покажа борбениот дух на Словенија, иако загуби со 22-23.
Македoнија беше организатор и на ЕП 2008, кое се одржа во Охрид и во Скопје и на кое го освои седмото место, што е најдобар пласман досега на ЕП. А токму домашниот терен и бучната публика беа дел од факторите за конечниот пласман што го остварија македонските репрезентативки предводени од селекторот Владимир Глигоров. Г.И.


Шампионот Норвешка со седум дебитантки на ЕП

Додека имаме шанса да бидеме сведоци на некои ѕвездени настапи на познатите ѕвезди, на сцената можеби ќе влезат нови имиња, пишува ЕХФ на својата интернет-страница. Швајцарија е дебитант на европските првенства (ЕП), а идната ѕвезда Миа Еменегер ќе го претставува тимот на само 17 години. Од другите дебитантки, Германката Сара Вахтер е дел од голманскиот тим, Франција, втора на минатото ЕП, претстави неколку имиња, а се очекуваат први мечеви на ЕП за Одри Дембеле и за Лена Гранво, за Шпанија, Алба Спугнини треба да ги одигра првите минути на ЕП, Катарина Павловиќ, Лара Буриќ и Тена Петика ќе бидат во центарот на вниманието на Хрватска на нивната премиера на ЕП, Шведска може да ги претстави Лин Хансон, Елин Хансон, Нина Копанг и Клара Петерсон Бергстен, актуелниот шампион Норвешка ќе биде една од селекциите со најмногу дебитантки, седум…, пишува ЕХФ.