Точно пред една година паднаа првите кадри, а за некој ден, поточно в сабота, следува и премиерата на овој документарец

КОШАРКА – В САБОТА ПРЕМИЕРА НА ДОКУМЕНТАРНИОТ ФИЛМ ЗА БЛАГОЈА ГЕОРГИЕВСКИ-БУШТУР

Со голема поддршка на семејството Георгиевски, Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) и на Македонската радио-телевизија, в сабота (29 октомври), ќе биде прикажана премиерата на документарниот филм „Среќна 13-ка“, посветен на еден од најголемите играчи во историјата на македонската, европската и светската кошарка, Благоја Георгиевски-Буштур.
Премиерата на документарниот филм „Среќна 13-ка“ ќе биде в сабота навечер, од 20.50 часот, на првиот програмски сервис на македонската национална телевизија.
Во исто време, пријателите на Благоја Георгиевски-Буштур ќе имаат привилегија во истиот термин, во хотелот „Парк“ во Скопје, да бидат на проекцијата на ова сведоштво за големината на кошаркарот Благоја Георгиевски-Буштур!
Георгиевски беше еден од најпопуларните македонски кошаркари, а најголемите успеси ги оствари во дресот на Работнички, како и во репрезентациите на поранешна Југославија, кога освои сребрени медали на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Монтреал во 1976 година и на Европското првенство (ЕП) во 1971 година, во тогашна Западна Германија. Георгиевски загина во сообраќајна несреќа пред речиси три години.