РАКОМЕТ – ЕП ЗА ЖЕНИ

Очигледно, проблеми со играчкиот кадар нема само селекторот на Македонија, Љубомир Савевски, пред почетокот на Европско првенство (ЕП) во ракомет за жени, кое ќе започне на 5 ноември во Македонија (група Ц), Црна Гора и во Словенија. Со одредени тешкотии се соочуваат и ривалите на македонските ракометарки, а тоа се репрезентациите на Франција, Романија и на Холандија.
Еден од фаворитите за медал на ЕП, селекцијата на Франција, во Скопје ќе допатува ослабена. Првата голманка Лора Глосе ќе го пропушти ова натпреварување на дуелите со Македонија, Романија и со Холандија. Францускиот селектор Оливие Крумболц најде замена, па на двете голманки Клеопатра Дарле и Флоријан Андре ја придодаде и Камил Депуизе. Во составот на Французинките ги нема ни Александра Лакрабер ни Алисон Пино.
Во најсилниот состав нема да настапи ниту Романија. Една од најдобрите романски ракометарки (покрај четирикратната најдобра ракометарка на светот Кристина Неагу), средниот бек Кристина Ласло, членка на клубот Глорија Бистрица, која беше и најдобар стрелец на Романија на последното Светско првенство (СП) 2021 година во Шпанија, се жали на повреда на левото колено, па неизвесен е нејзиниот настап на ЕП, односно се чека конечната одлука на докторите.

Но селекторот на романската репрезентација, Флорентин Пера, ги има на располагање Замфиреску, Попа, Бучечи и Приставита на таа бековска позиција, па отсуството на Ласло можеби и нема да се почувствува многу.
Селекторот на Холандија, Пер Јохансон, веќе го објави скратениот список на ракометарките што ќе допатуваат во Скопје. Тој, сепак, списокот на првообјавените 14 го дополни со уште четири ракометарки, кои беа неизвесни поради недоволно санираните повреди.
Македонките, кои од понеделникот почнаа со подготовките, сепак ќе немаат контролен дуел до првиот меч во групата Ц, со Франција на 5 ноември, а потоа следуваат дуелите со Холандија и со Романија, сите ракометни велесили. Трите најдобри репрезентации од секоја од четирите групи одат во втората групна фаза, а најдобрите три селекции од групата на Македонија остануваат во Скопје и за вториот круг мечеви. Титулата од ЕП 2020 во Данска ја брани репрезентацијата на Норвешка. Г.И.