ФУДБАЛ – ПРЕМИЕР-ЛИГА
В недела (15 ч.), на стадионот „Етихад“, ќе се игра првото градско дерби сезонава, Манчестер сити – Манчестер јунајтед, 188. по ред
На стадионот „Етихад“, в недела (15 ч.), ќе се игра големото градско дерби сезонава, Манчестер сити – Манчестер јунајтед, 188. по ред. Вкупната вредност на почетните 11 играчи во двата тима би можела да надмине една милијарда фунти (1,12 милијарда евра), пишува „Скај спорт“. Откако менаџерот Алекс Фергусон го напушти клубот во 2013 година, Јунајтед потрошил повеќе пари за нови играчи, 1,43 милијарда фунти (1,60 милијарда евра), од Сити, 1,38 милијарда (1,55 милијарда евра).
Домаќинот Сити е без пораз на 19 натпревари во Премиер-лигата, последниот од Тотенхем дома (2-3) во февруари. Тековната серија на Јунајтед од четири првенствени победи во низа е нивната најдолга од април 2021 година. Формата на Сити пред своите симпатизери, по ремито со Ливерпул во април (2-2) е импресивна. Тимот на Пеп Гвардиола постигна три или повеќе гола во секоја од последните седум победи дома, за првпат во клупската историја, и е вториот тим кому му успеало тоа во ерата на Премиер-лигата, по Јунајтед помеѓу декември 2009 и март 2010 година. „Граѓаните“ постигнаа 14 гола на воведните три натпревари дома сезонава, повторувајќи го својот ефект од 2019/2020, на Јунајтед од 2011/2012 и на Арсенал од 2009/2010-та. Но ниту еден од тие тимови не триумфира во Премиер-лигата во тие сезони!
За да ја продолжи добрата серија, Јунајтед ќе мора да го запре Ерлинг Холанд, кој постигна 14 гола на 10-те настапи за Сити. На последните седум меча, тој постигна 12 гола од кои и два хет-трика на двата меча дома против Кристал палас и Нотингем форест. Тој е првиот играч во историјата на Премиер-лигата што постигнал 11 гола на првите седум меча. Но треба да се знае и дека во историјата на Премиер-лигата на овој дуел гостинскиот тим забележал најмногу победи (21, колку и Астон Вила против Ливерпул). Јунајтед е и единствениот тим што победил на повеќе натпревари на „Етихад“ во Премиер-лигата отколку што загубил. Л.Д.
Арсенал – Тотенхем, битка за северен Лондон
Денеска (13.30 ч.), на стадионот „Емирати“, ќе се игра и дербито на северен Лондон, Арсенал – Тотенхем, 192. по ред (првото е играно во 1887 г.). Тоа е четврти дуел според бројот на постигнати голови во историјата на Премиер-лигата (171), најмногу од белата точка (21), но останува да се види како ќе се одвива тактичката битка помеѓу Микел Артета и Антонио Конте.
„Топчиите“ моментално се на врвот на табелата со 18 бода (од можни 21), по импресивниот почеток на сезоната, најдобар по 2004, благодарение на серијата од пет победи. Тотенхем е трет и еден од само двата непоразени тима, заедно со шампионот Манчестер сити, со бод помалку. Арсенал ги доби претходните две домашни средби против Тотенхем и има шанса да го стори тоа третпат, за првпат од 2013 година. Арсенал на минатите 30 меча дома само двапати бил поразен од Тотенхем, последен пат во 2010-та. Напаѓачот на Тотенхем, Хари Кејн, е најефикасниот на дербито на Северен Лондон со 13 гола на 17 натпревари. Л.Д.