По иницијатива на раководството на здружението на родители на деца со пречки во развојот „Надеж“ од Кичево, неодамна беше реализирана средба со раководството на риболовното друштво „Хантер фиш“ од Кичево. Во нивна придружба гостите го посетија и Осломејско Езеро, вештачка акумулација создадена на депресијата од поранешниот рудник за јаглен Осломеј, на 5 километри од градот.
– Љубезните домаќини им подарија на членовите на „Надеж“ по еден медал за спортски риболов, а при средбата гостите беа упатени во тајните на спортскиот риболов. Тоа беше демонстрирано и на непосреден начин од страна на членовите на риболовното друштво – ни рече претседателот на „Надеж“, Ѓоко Митрески.
Тој од име на сите им се заблагодари на домаќините за нивното гостопримство, а гостите по неколкучасовен престој крај езерото, презадоволни се вратија во Кичево.
Летово членовите на „Надеж“ беа во посета на најгрнчарското село Вранештица, а на 8 октомври ќе организираат хуманитарен базар. З.А.