ТЕНИС – РОЖЕ ФЕДЕРЕР ЈА ЗАВРШИ БЛЕСКАВАТА КАРИЕРА

Сега светот е поинаков, тенисерите се сменија, медиумите се променија, вниманието на гледачите се промени. Ние се однесуваме поинаку, тоа е процес, и водени сме на поинаков начин. Мислам дека сѐ е поинаку и затоа сметам дека ќе видиме поуспешни играчи во иднина, кои ќе можат да играат подолго, бидејќи ќе го одржуваат своето тело, вели Федерер, кој смета и дека помладите тенисери можат многу да научат од начинот на кој тој и другите од неговата ера го правеа тоа, од нивната самодоверба и од поставувањето цели на тренинзите, од исхраната и другите методи за обезбедување долговечност

Швајцарската тениска легенда Роже Федерер (41) во петокот го одигра последниот меч во 25-годишната трофејна професионална кариера, во која освои 20 гранслем-титули и 310 недели беше број 1 во светот. Федерер, кој се смета за еден од најдобрите играчи во историјата на тенисот, одржа емотивен говор на ревијалниот Лејвер-куп и доби овации во арената „О2“ во Лондон.
– Тоа беше прекрасен ден. Среќен сум, не тажен. Прекрасно е чувството да се биде тука. Среќен сум што успеав да стигнам дотука – рече тој.

На прошталниот турнир на Федерер во Лондон присуствуваа и неговите големи ривали, Шпанецот Рафаел Надал и Србинот Новак Ѓоковиќ, во тенискиот свет познати и како големата тројка, кои заедно имаат освоено 63 гранслем-титули. Малку е веројатно дека некој ќе ги достигне стандардите што тие ги поставија, барем не во скоро време. Тој и другите двајца членови на триото, заедно со Серена Вилијамс, покажаа дека е можно да се доминира со децении, не само со години, во исто време. Федерер смета дека помладите тенисери можат многу да научат од начинот на кој тој и другите од неговата ера го правеа тоа, од нивната самодоверба и од поставувањето цели на тренинзите, од исхраната и другите методи за обезбедување долговечност. Тој се насмевна кога се потсети на разговорот со славниот Швеѓанец, Бјорн Борг, за тоа како изгледал неговиот живот кога победил на 11-те гранслем-турнири од 1974 до 1981 година. Борг зборувал дека еднаш неделно имал масажа и повремено топла бања за време на турнирите. Рутината за масажа на Федерер во текот на 25-те години како играч?
– Секој ден, веројатно. Понекогаш ќе ми се смачеше од тоа, па ќе кажев: „Можеме ли да прескокнеме денеска“? Тоа нема да ми недостига. Ги сакав масажите одвреме-навреме, но ајде, 1.423 – вели Федерер.

Кога Пит Сампрас победи на САД опен во 2002 година во последниот меч, тој го освои 14-от гранслем-трофеј, два повеќе од кој било друг тенисер во историјата до тој момент (Рој Емерсон). Многумина тогаш се прашуваа дали таа бројка некогаш ќе биде надмината. Две децении подоцна Федерер ја заврши кариерата со 20, Ѓоковиќ има 21, а Надал 22 гранслем-титули.
– Мислам дека во денешно време е полесно да се игра на различни терени. Пит само еднаш играше во полуфинале на Ролан Гарос, Борг никогаш не отиде во Австралија. Во 70-те години сѐ беше помалку професионално – вели Федерер.

Тој истакнува дека и подемот на социјалните мрежи придонесе за промената на мислењето на важноста на гренслем-турнирите во однос на другите турнири и направи бркање на тие рекорди.
– Сега светот е поинаков. Во минатите денови не стануваше збор толку за рекорди. Тоа почна, би рекол, со Сампрас, кој сакаше да ги надмине 12-те на Емерсон. Тоа е она што ѝ беше наметнато на генерацијата што ја гледаме, со Новак и Рафа во моментов. За мене, не се сеќавам многу, кога се појавив во 90-тите, не бев свесен за тоа. Ми велеа: Ох, играш како Пит, па ќе бидеш „следниот Сампрас“ – вели Федерер.

Тој додава дека воопшто не се сеќава колку гранслема имал Сампрас во тоа време.
– Не се ни сеќавам каде го постигна тој рекорд. Тоа сигурно беше голем момент за историјата на тенисот, но навистина не се сеќавам на тоа. Оттогаш тенисерите се сменија, медиумите се променија, вниманието на гледачите се промени. Ние се однесуваме поинаку, тоа е процес, и водени сме на поинаков начин. Мислам и дека ништо не се планира години напред: „Во ред, имам уште 10 години играње, па ајде да го собориме рекордот. Што треба да направам за да постигнам такво нешто“? Во тоа време беше: „Во ред, каде се игра следната недела“? Мислам дека сѐ е поинаку и затоа сметам дека ќе видиме поуспешни играчи во иднина, кои ќе можат да играат подолго, бидејќи ќе го одржуваат своето тело – вели Федерер. Л.Д.


Федерер, Надал и Ѓоковиќ ги одведоа работите на сосема друго ниво

Прашањето е кој од сегашните нови млади талентирани тенисери, вклучувајќи го шампионот на САД опен и број 1, Шпанецот Карлос Алкараз, кој има само 19 години, или вицешампионот на Ролан Гарос и во Њујорк, Норвежанецот Каспер Руд, кој е број 2, на 23-годишна возраст, може да ги следи Роже Федерер, Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ.
– Тие ги одведоа работите на сосема друго ниво и покажаа дека сѐ е можно. Замислете само да не беше еден од тројцата, колку титули ќе имаа освоено другите двајца. Веројатно би биле блиску до 30. Тоа им дава инспирација на младите играчи како мене да видат колку добро и колку долго може да се игра. Мислам дека тие рекорди никогаш нема да бидат соборени, но да видиме што ќе се случи во иднина, сѐ е можно – вели Руд.
Канаѓанецот Феликс Ожер-Алиасим, ланскиот полуфиналист во Њујорк, на 21-годишна возраст, се согласува дека е корисно да се има нешто кон што треба да се стреми.
– Помладите играчи сега тренираат понапорно, се обидуваат да се подобрат, да бидат попрофесионални. Тоа го крева нивото на квалитет и ја зголемува конкурентноста што го турка тенисот напред – вели тој. Л.Д.