Косовската претседателка, Вјоса Османи вели дека Косово е конструктивно и е сериозно ангажирано во процесот на дијалогот со Србија, сконцентриран на меѓусебно признавање на двете држави, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во објава на Фејсбук по денешната средба со посредникот на ЕУ во косовско-српските преговори, Мирослав Лајчак и специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, Османи вели дека на емисарите им нагласила оти „Косово никогаш не придонело за тензии и постојано се залага за мир и стабилност и за европски решенија“.
– На средбата… ја изразив посветеноста на Косово за продолжување на соработката и координација со нашите партнери, потенцирајќи дека ангажирањето на нашата земја во дијалогот е засновано на одбраната на суверенитетот, уставниот поредок и територијалниот интегритет на Косово, кои се недопирливи… Нашата земја е изградена врз принципите на едно мултиетничко општество каде сите имаат еднакви права, без оглед на етничката припадност – напиша Османи.
Лајчак и Ескобар денеска се сретнаа и со премиерот, Албин Курти, како и со лидерите на најголемите опозициски партии на косовските Албанци.
Емисарите на ЕУ и САД престојуваат во Приштина, од каде подоцна ќе отпатуваат за Белград, во обид да постигнат договор меѓу Косово и Србија во пресрет на 1 септември, за кога косовските власти најавија дека ќе почнат да ги спроведуваат мерките на реципроцитет кон Србија во однос на регистерските таблички и патните документи.