Поправен е дигиталниот споменик на Григор Прличев, откако вчера беше вандализиран само два дена откако беше поставен во центарот на Охрид.
Споменикот вклучува технологија за препознавање говор на македонски јазик и високо реалистичен приказ на живописен аватар кој го претставува Прличев, а синхронизиран со говор кој ги отелотворува стиховите и емоциите на поетот.
– Виртуелниот Прличев повторно се разбуди! Неизмерна благодарност на сите за искрената поддршка. Ова дело е подеднакво ваше, бидејќи покажавте дека сите сме Прличев!
Благодарност и до оние кои се понудија за донации, но материјалните оштетувања беа минорни и истите се веќе санирани. Сепак, незанемарлива е смелоста да се посегне по македонското културното наследство, симболите на градот и државата, без разлика дали се во материјална или дигитална форма – напиша на фејсбук универзитетскиот професор Анис Сефиданис од „Сефиданис“, кој го создаде инвентивното дело.