Фото: Пиксабеј

Бугарскиот бизнисмен, поранешен пратеник и европски шампион во теквондо, Слави Бинев, е убиен утрово во Софија. Според полицијата, тројца осомничени се приведени.

Бинев бил убиен пред својот дом во населбата Павлово во Софија, околу 10.30 часот по локално време, соопшти полицијата.

Бугарските медиуми објавија дека тој бил застрелан со еден куршум во главата. Тројцата осомничени биле приведени на автопат, а кај нив било пронајдено и оружје.

Ова е трето убиство на бизнисмен во Бугарија во изминатите три месеци.

На 30 септември, во Пловдив беше убиен 53-годишниот Илијан Филипов, коосновач на една од најголемите бугарски компании, ПИМК, која се занимавала со меѓународен транспорт, градежништво и железнички транспорт. Неодамна, неговиот конзорциум го доби јавниот договор за реконструкција на стадионот „Христо Ботев“, вреден речиси 44 милиони лева. Филипов беше и претседател на фудбалскиот клуб Ботев од Пловдив.

Во истиот период беше убиен и 56-годишниот Владимир Јанков, кој управувал со голем бизнис за увоз на кафе, чај и опрема за автомати за продажба од Италија, со годишен промет од над 100 милиони лева.

Според бугарските медиуми, Јанков бил убиен кон крајот на јули. Тој се движел без лично обезбедување, а бил познат и по интересот за блокчејн-технологии и инвестиции во криптовалути.