Каков апсурд! Само замислете. Одите во ресторан, седнувате, нарачувате мени, го разгледувате и решавате да одберете салата. Можете да одбере помеѓу шопска, грчка и национална салата, а доколку сте мултикултуралист можеби ќе се одлучите за капрезе или ајзберг-салата. Ало! Ваква салата, онаква салата. Салата ни го направи мозокот! Сега веќе во некои ресторани „на другата страна на Вардар“, некој ја преименувал македонската салата со географска одредница – северна?!
Нѐ убедуваат идентитетот бил бетон, имаме чиста формулација за јазикот и сѐ така до бесконечност. Но ние не може да го зачуваме ни името на една салата, а да не говориме за идентитетот или јазикот. Каква салата? Македонска салата! Тука не пишуваме за салатата „македонија“, која е европски деликатес уште од 18 век, туку за традиционалната македонска салата, која се состои од домат, кромид, блага печена пиперка, сол и масло. Еее, па дури и името на оваа салата се видоизмени со префикс како што е една страна на светот (северна), во менијата на некои од рестораните во Скопје, ама на левата страна на реката Вардар?! Дотаму дојдовме. И сега некој може да ни дофрли… „Што по ѓаволите велиш?!
Но ајде да почнеме од почеток, но овој пат да не „пронесуваме“ говор на омраза, зашто некој можеби и за пронесување ќе ни затропа на вратата.
Мислата ни е за една апсурдност што ни предизвикува тегоби во стомакот и нѐ поттикнува да исповратиме поради глупоста и бесмислицата. Какви тегоби, какви глупости, каква бесмислица? Се слушаш ли самиот себеси, човеку? Да, и не ми се верува во апсурдноста на „нашето“ општество.
Ајде сега да се обидеме да бидеме сериозни! Верувам дека многумина ја вкусиле македонската салата, а ако не ја вкусиле би требало, која се наоѓа на менито во „нашите“ ресторани и кафеани. Но македонската салата веќе е минатото определено време. Како минатото определено време? Е така! Некому оваа салата му звучела премногу националистички и несоодветна за „нашето“ општество и одлучил да ја преименува од македонска во национална (читај северџанска). Не мора да ни верувате на зборовите, заминете во некој ресторан или кафеана отаде Вардарот и ќе се уверите. Каков апсурд! Само замислете. Одите во ресторан, седнувате, нарачувате мени, го разгледувате и решавате да одберете салата. Можете да одбере помеѓу шопска, грчка и национална салата, а доколку сте мултикултуралист можеби ќе се одлучите за капрезе или ајзберг-салата. Ало! Ваква салата, онаква салата. Салата ни го направи мозокот! Сега веќе во некои ресторани „на другата страна на Вардар“, некој ја преименувал македонската салата со географска одредница – северна?! За жал, тоа е реалноста, во „нашата“ држава лека-полека од менито исчезнува македонската салата, а некој ни вели дека идентитетот бил бетон. Ма, ајде, ви се молам!
Со овој апсурд се соочуваме затоа што никој повеќе не верува во „нашата“ држава, а тоа е така зашто институциите немаат авторитет. И сега по стоти пат да повториме! Не се соседите криви што ни го негираат идентитетот и јазикот, ние сме криви, зашто начекаа село без кучиња. И сега некој може да ни противречи. Започнаа преговорите со Европската Унија, започна скринингот, скринингот, скринингот и сѐ така без крај. Глупости! Ние како општество немаме капацитет да ги спроведеме барањата на Брисел, затоа скринингот и почетокот на преговорите се бесмислица. Сто пати досега требаше да се замислиме во која насока сакаме да се движиме. Нештата можеби на изглед се сложени, но сепак се едноставни. Во овој момент, наша насушна потреба е видоизменување на нашето општество, преку суштински реформи. Кога ќе исчезне корупцијата и кога ќе имаме владеење на првото, тогаш ќе знаеме дека сме на вистинскиот пат.
А идентитетот? Можеби во „нашата“ држава македонските особености ќе бидат преименувани во национален јазик, национална култура, национална историја итн., слично како и националната салата, но македонскиот идентитет ќе преживее. Македонците што живеат надвор од „нашата“ држава ќе ги негуваат и ќе ги заштитат македонските национални особености. Не мора да ми верувате, само слушнете го обраќањето на Даглас Роберт Форд, премиерот на Онтарио, кој вели: „Сакам да им посакам на Македонците во Онтарио и низ светот, многу среќен Илинден. Овој ден го одбележува Илинденското востание од 1903 година кога македонскиот народ се бореше за слобода против Османлиската Империја. Честитки до просперитетната македонска заедница, која играше витална улога во успехот на нашата провинција. Уште еднаш. Среќен Илинден“.