Фото: МИА

Министрите за енергетика од Грција, Македонија, Бугарија и Србија на денешната средба во Атина порачаа дека енергетската безбедност, стабилноста на снабдувањето и отпорноста на системите претставуваат заедничка регионална и европска одговорност.

На првата квадрилатерална средба посветена на енергетската соработка во Југоисточна Европа, министрите разговараа за идната енергетска поврзаност, интеграцијата на пазарите и зајакнувањето на инфраструктурните капацитети во регионот.

Во заедничкото соопштение се наведува дека земјите учеснички имаат заедничка амбиција да создадат поинтегриран, поотпорен и поефикасен енергетски систем, усогласен со целите на европската енергетска унија.

Посебен акцент бил ставен на проширувањето на Вертикалниот коридор, подобрувањето на прекуграничната енергетска поврзаност и зголемувањето на енергетската безбедност во регионот.

Министрите оцениле дека Југоисточна Европа треба да има поактивна улога во креирањето на идната европска енергетска архитектура преку посилна регионална соработка, нови интерконекции и поголема интеграција на пазарите на електрична енергија и природен гас.

Во разговорите биле отворени и прашањата поврзани со влијанието на кризата на Блискиот Исток врз глобалните енергетски пазари, при што била нагласена потребата од координирани мерки за справување со можни прекини во снабдувањето и ценовни нестабилности.

Учесниците ја поздравиле и засилената координација меѓу операторите на електроенергетските и гасните системи, оценувајќи дека подобрата регионална поврзаност ќе придонесе за поголема ценовна стабилност, конкурентност и побрза интеграција на обновливите извори на енергија.

Средбата се одржа во Националниот музеј на современа уметност во Атина, на покана на грчкиот министер за енергетика Ставрос Папаставру. Присуствуваа и министерката за енергетика на Македонија Сања Божиновска, српската министерка Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, како и претставници на енергетските оператори од четирите држави.

Министрите се согласија ваквите состаноци да станат редовна практика, а следната средба да се одржи во септември во Белград.