Фото: ЕПА

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи денеска ги обвини САД за водење недоследна и непредвидлива надворешна политика, оценувајќи дека Вашингтон испраќа контрадикторни пораки кон Техеран.

На прес-конференција во Њу Делхи, Арагчи изјави дека пораките од американската администрација се менуваат од ден на ден, пренесе МИА.

– Пораките што ги добиваме од американската страна варираат од ден на ден. Понекогаш добиваме и неколку различни пораки во ист ден – рече тој.

Како пример ги посочи изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп, кој претходно изразил незадоволство од иранскиот предлог за преговори.

Според Арагчи, и покрај тоа, од американска страна повторно пристигнале сигнали дека Вашингтон е заинтересиран за продолжување на разговорите и дипломатските контакти.

Иранскиот министер, говорејќи на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на БРИКС, оцени дека САД се наоѓаат во „состојба на збунетост“ и немаат јасна стратегија за завршување на војната.

– Секој ден именуваат различни цели. Се надеваме дека разумот и мудроста ќе се вратат во Белата куќа – изјави Арагчи.

Тој порача дека Иран е подготвен и за дипломатско решение и за воена опција.

– Или ќе се вратиме на бојното поле, или на преговарачката маса. Мојата земја е подготвена за двете опции – истакна иранскиот министер.