Музичка меморија

Ништо на светот не може да го скрши срцето како меморијата. Помнењето е богат ресурс од сеќавања и настани, кои се длабоко всадени во духовната мантра на човекот. Тој ресурс во дадени моменти на плима од разиграни чувства, лесно може да извлече море од солзи, да предизвика радост и тага, да придвижи енергија и да понуди искрени насмевки. Музиката како составен елемент на духовната ризница на човекот – меморијата, има свој континуиран, еволутивен процес. Се смета дека периодот 1950-1966 е тој временски простор што предизвика вистинска револуција во речиси поголем дел од областите на животот, па и во музиката. Оваа декада особено е значајна за појавата на рокенролот, кој ја презеде традицијата на бавните клавирски ритми на ду-воп, кој се потпирал на елементите на ритам и блуз. Станува збор за духовна црнечка музика родена на улиците на Филаделфија, Чикаго и Њујорк што најмногу ја протежирале и пееле белци. Но обоените девојки и момчиња не се предавале. Музиката ду-воп ги изнедри славните „Платерси“ со „Only You“, Френк Запа, „Белмонтите“, „Кадилаците“ и другите бендови од тој период. Се разбира, никогаш не смее да се заборави на џезот, но тој е надвор од конкуренција и е класика, односно стандардна величина. Впрочем, исто како и американската кантри музика. Но што беше револуционерно со појавата на рокенролот? Едноставно, набргу по големото крвопролевање во Втората светска војна, младите низ светот, имаа потреба од сопствена еманципација што енергично ја побараа во содржините на животот. И тие го добија тоа што го бараа. Решија да го менуваат светот, но и да се менуваат самите себе. Од сервилна и длабоко повлечена во себе, стигна генерација на дечки полни самодоверба, со енергија што развеселуваше и спојуваше и која беше иднината.
Гостивар не остана настрана од сите збиднувања што се случуваа низ светот. Информациите доцнеа, но секако дека допираа до нас. Ние не се чувствувавме како периферија оти имавме прозорец кон светот. Сите оние што тогаш беа млади, па и деца со поинаков световид, а сега радосни или воздржани што имаат можност да бидат учесници во голем број промени што ги нуди забрзаниот животен бран, често претураат по меморијата за да се присетат на своето минато. Верувам дека сето она што се случуваше кај нас беше истото доживување низ цела Македонија. Младоста гладно ги впиваше сите нови музички и други ветрови што до нас допираа преку журналите, филмот, радиото и весниците. Како младина, не бевме поштедени од карактеристичниот глас на Хари Белафонте и неговата „Day-O“ или „The Banana Boat Song“, но и на „Jamaica Farewell“. Во исто време, младиот свет беше распаметен од појавата на извонредниот Елвис Присли, кој освен интерпретатор што го менува светот, стана и филмска ѕвезда. Ѕвезда што не темнее. Не помалку популарен стана и Френки Лејн, кој ја испеа музичката нумера наградена со „Оскар“ од вестерн-филмот „Точно напладне“ на композиторот од руско потекло Дмитри Тјомкин. Потоа таа и двајцата ги препорача за подоцнежни проекти како „Последниот воз од Ган Хил“ и „Пресметката кај О.К. Корал“. Марти Робинс се прослави со насловната тема „Дрво за бесење“ од саундтракот на истоимениот вестерн-филм со славниот Гари Купер и убавата Марија Шел. „Magic Moments“ и „Papa Loves Mambo“ беа дело на кадифениот глас на поп-артистот Пери Комо. Во таа декада свое место полека, но сигурно, заземаа Френк Синатра и Дин Мартин, а славата не ја одмина ниту Дорис Деј, која ги испеа легендарните „Que Sera, Sera“, „Tea for Two“, „Love Me or Leave Me“.

Којзнае по кој пат треба да се спомне и младиот кантавтор, легендарниот Пол Енка со „My Way“, со кого подоцна настапи Синатра. Иако многу поконзервативна и оперски настроена со музички тренд внесен во италијанските канцони и француските шансони, Европа ја прослави Катерина Валенте со „Granada“ и „Bongo Cha Cha Cha“, а ѕвезда беше и славниот Доменико Модуњо со „Nel blu dipinto di blu“ или попозната како „Volare“, која беше победничка на прекрасниот традиционален музички спектакл во Санремо. Шпанската филмска ѕвезда и пејачка Сарита Монтиел почна да гради сопствена кариера дури и во Холивуд. Нејзини беа мелодиите „La Violetera“ и „Carmen de España“. Солзи во кината на Стариот Континент измами малиот вагабонд Хоселито со познатата „Мајко слушни ја мојата песна“. На британскиот остров владееја Клиф Ричард со „Веселиот клуб на младите“ и неговиот бенд „Шедоуси“ во времето пред да се појават „Битлси“ и „Томи Стил“ со гитарчето, како што го нарекуваа младите во Гостивар. Ова момче, кое се прослави со рокенрол-мелодии, ја испеа и легендарната „Singing the Blues“, за која доби орден од британското кралско семејство во 1957 година. Сите овие мелодии можевме да ги слушнеме пред кинопретставите и на плажите каде што младите пееја со гитари во рацете или на популарниот Радио Луксембург. Малку по малку, стигнавме и до „Песната на Евровизија“. Не велам дека сум добар познавач на музиката, но од она што видов првата вечер на „Евровизија 2026“, таму имаше сѐ, но не и музика. Визуелно торнадо, музичка осека што личи на воен марш, безлични ликови, перформанс што излудува. Нека ни е на здравје! Дефинитивно, европската музичка сцена е во длабока криза. Се разбира, ова е само мое видување, но сметам дека го споделив со моите пријатели, кои дури и како знаат што е музика. Се надевав дека ќе има многу повеќе да кажам за таа музичка сцена, која се претвори во чудна измешаност на тонски, визуелни и јазични дискрапанци. Се прашувам за каква различност помеѓу народите зборуваме кога англискиот е асимилаторски самонаметнат од страна на поголемиот дел од евровизиски тимови? За нив би рекол дека станува збор за инфантилни структури, кои се обидуваат да се допаднат и да спечалат за својот труд на европската музичка сцена со користење на англискиот јазик.
Сега да се вратам на меморијата. Во тие години бев доволно возрасен за да ги почувствувам промените и топлиот развигорец што допре и до нас по мачните сеќавања од Втората светска војна што возрасните постојано ни ги пренесуваа. Музичката сцена како дел од меморијата, навистина претставуваше весела револуција и голема промена во животот на заедницата. Сепак, не бев доволно возрасен да навлезам во чувствата на убавиот млад свет што можеше да се сретне во библиотеките, на училишните натпревари, повисоките облици на спортски случувања, ниту да го разберам младешкиот занес на вљубените и нивните симпатии. Со текот на времето, почнав да осознавам, впрочем како и сите ние што бевме на патеката на животното калење. Кога велам дека се случуваше еден друг, мошне пријатен вид револуција, зборувам за една сложена низа на збиднувања што го сочинуваа нашето секојдневие. Градот дишеше во еден здив. Понекогаш интензивно и разиграно, понекогаш тивко, но со мир што беше често дури и погласен од вревата. Денес добиваме информации од светот во делот од секундата. Интернетот е наша заедничка нова револуција. Тогаш во тоа време, информациите ги преземавме од Скопје и сите поголеми центри на југославенските републики.

Секако дека постоеја младешка гордост и агресија наспроти спокојот на годините и искуствата стекнати низ животниот век на постарите. И секако дека постоеја судири на генерации поттикнати од начинот на осознавање на кројката на новиот млад свет. Се разбира, постојат и сега. Но насмеано лице, а и подадена рака се лек за сите проблеми. Секако, постоеја морални и етички норми што требаше да бидат испочитувани. Од пороци, тука пред сѐ беа цигарите. „Билјана“ во картонска кутија на преклоп, како и „вардар“. Исто така, можеа да се купат „морава“, „дрина“, „ибар“ и некои големи пакувања од по стотина цигари за кои мојата меморија не е способна да го открие нивниот вистински идентитет. Во секој случај, нив ги користеа луѓе од посиромашните општествени слоеви. Во размена на мислења со мои врсници, заклучивме дека и тие беа дел од пакетот на Маршаловиот план за разурната Европа. Исто како и помошта во Труманови јајца во прав, кашкавал и Труманово млеко. Сите наведени видови цигари беа без филтри. Тинејџерите ќе нѐ испратеа нас децата да им купиме „рефус“ цигари, а често се случуваше продавачите дури и да нѐ натепаат бидејќи мислеа дека цигарите се за нас. Алкохолот се користеше во безначајни количества гитара-средбите по парковите. Колку да те пресрами доколку сакаш да значиш нешто и така да допреш до нечие срце. Со музичката магија живеевме, заедно со неа негувавме сеќавања. Таа секогаш има свое место во нашата меморија. И сето она што може да ни го приреди, тешко е да го направи која било друга уметничка форма. Едноставно, таа ја гали душата, ја разнежнува и длабоко ја всадува во ризницата на меморијата, заедно со неа тивко да „кршат“ срца.

Љубомир Јованоски

Авторот е писател