Ана Стојаноска, уметничка директорка на МТФ „Војдан Чернодрински“

Денеска најпрво со изложбата „60 години МТФ ’Војдан Чернодрински’“, а потоа со доделувањето на наградите за животно дело на актерот Веби Ќерими, театарскиот деец Љубомир Чадиковски, режисерот Сашо Миленковски и актерот Атила Клинче и со изведбата на првата претстава во официјална конкуренција „Мачкина глава“ на Драмскиот театар во Скопје, започнува 60-то, јубилејно издание на МТФ „Војдан Чернодрински“, фестивал што шест децении е простор за средба на театарот, уметноста и времето во кое живееме. Под мотото „Храбриот нов театар“, годинашното издание отвора дијалог за кризата на човекот во општеството и кризата на општеството во човекот, повикувајќи на театар што има став, што провоцира, преиспитува и не молчи.

Што ќе понуди годинашното издание на МТФ „Војдан Чернодрински“?
– Програмата е конципирана кон достоинствена прослава на големиот јубилеј, фокусирана на сите аспекти од театарската култура кај нас. Освен стандардните формати како: претстави во официјална конкуренција и од независната продукција, во рамките на програмата Автор во фокус ќе има настани поврзани со драмите и пишувањето на Дејан Дуковски, три многу интересни дискусии, две научни трибини и една панел-дискусија за театарот и менталното здравје. Актуелниот општествен контекст и театарот денес се важни теми за кои треба да се дискутира. Како што знае публиката, почнуваме од 10 часот наутро со Детската зона пред Градскиот саат, потоа се промоциите на книги, точно напладне се разговорите на тркалезната маса, потоа се научните трибини и дискусии. За викендот ќе ја имаме програмата „Драмолетање“, тука е и денот за „Авторот во фокус“. Истовремено имаме три активни современи изложби – првата е на отворањето на фестивалот посветена на големиот јубилеј. Низ еден хибриден пристап ќе ја раскажеме приказната на фестивалот, преку проекции, перформанс, како и со артефакти од историјата на фестивалот. Потоа е изложбата со плакати од претставите на Дејан Дуковски, нашиот автор во фокус, и второто издание на изложбата „Прилеп во фокус 2.0“, оваа година посветена на актерските великани Благоја Ивчески, Лидија и Трајче Иваноски.

И ова издание е дел од вашиот четиригодишен концепт „Враќање дома“?
– Да, ова е последната етапа од концептот „Враќање дома“, воден од максимата „Храбриот нов театар“. „Враќање дома“ е четиригодишна програма посветена на создавањето препознатлива естетика на фестивалот, како активен двигател на театарскиот живот во Македонија. Со овој наслов сакав да биде обележан мојот мандат како директорка на фестивалот, затоа што јас сум родена во Прилеп, затоа што сметав дека тоа е симболично мое враќање дома, но и еден вид на коментар на драмата на Горан Стефановски „Чернодрински се враќа дома“.

Што е планирано во придружниот дел од програмата?
– Програмата е обемна и најразновидна. Важно е дека фестивалот ќе го затвориме со претставата од Белградско драмско позориште, со праизведбата на најновата драма на нашиот автор во фокус, „Црно злато“. Независната продукција ќе ја видиме со четири претстави: „Драга Јелена Сергеевна“ во режија на Шенај Мандак, „Вилицата на Ибен Бајерс“ во режија на Борис Василевски, продукција на „Штрих“, „Невиност“, дипломската претстава на студентите од класата на професорката Зоја Бузалковска и насловен доцент Александар Степанулески, „Сина сенка“ во режија на Тамара Стојаноска, продукција на „Златен Елец“. За мене е мошне важно дека на фестивалот секојдневно студентите од Факултетот за драмски уметности во Скопје ќе играат во уличен формат дел од драмите на Дејан Дуковски. И повторно, публиката на улиците низ Прилеп ќе сведочи на нашето театарско наследство и сегашност.

Беше ли тешко да се состави уште едно издание на фестивалот, со оглед на состојбите во македонската театарска продукција?
– Секогаш е предизвик да се направи селекција, да се креира едно издание на фестивалот. Македонската продукција е таква каква што е, наше е да го препознаеме најдоброто и да најдеме начин да дојде на фестивал. Интересно е како реагираме кога треба да покажеме што е годинашно издание на фестивалот. А всушност, фестивалот само ја покажува тековната продукција. Меѓутоа, за мене лично секогаш е многу важно да се донесат претстави што ја промениле на некаков начин тековната продукција, претстави што покажале некаков креативен напредок, специфична естетика и актуелна современа поетика.

Колку фестивалот „Војдан Чернодрински“ е значаен за македонскиот театар?
– Најзначаен. Овие 60 години тоа и го покажуваат. Тоа се гледа од битката за селекција, битката за наградите, коментарите, реакциите, поддршката. Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп е најстариот и најзначаен театарски фестивал во Македонија.