Merz Macron
Фото: ЕПА

Европската комисија да подготви конкретни предлози за постепена интеграција на земјите кандидати во Европската Унија, вклучително и привилегиран пристап до единствениот европски пазар и поголемо учество во институциите на ЕУ уште пред полноправното членство. Ова е една од клучните пораки во француско-германскиот нон-пејпер претставен на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват.

Во документот, насловен „Нов поттик за проширувањето“, Франција и Германија оценуваат дека политиката на проширување останува една од најсилните алатки на Европската Унија, но дека е неопходен нов импулс за забрзување на процесот.

 – Нашата заедничка цел е да ја заокружиме Унијата како вистинска Европска унија – се наведува во документот.

Предлогот предвидува воведување на дополнителни стимулации за земјите кандидати врз основа на нивните заслуги и реформски резултати, како и поедноставување на дел од сегашните процедури за пристапување.

Една од најзначајните идеи е воведување систем на таканаречени „градежни блокови“, преку кои земјите кандидати постепено би се интегрирале во европските политики и институции. Секој следен чекор би зависел од исполнување на конкретни критериуми и би можел да биде поништен доколку дојде до назадување во реформите или непочитување на европските вредности.

Според предлогот, земјите кандидати би добиле:

  • Поголем пристап до единствениот европски пазар пред членството;
  • Учество како набљудувачи на одредени состаноци на Европскиот совет и Советот на ЕУ;
  • Вклучување во дел од работата на Советот за надворешни работи;
  • Продлабочена соработка во безбедноста, одбраната и сајбер-заштитата;
  • Поголемо учество во европските програми како „Еразмус+“, „Хоризонт Европа“, „Дигитална Европа“ и „Креативна Европа“;
  • Побрза интеграција во европскиот енергетски, транспортен и дигитален пазар;
  • Можност за целосен пристап до единствениот пазар преку моделот ЕЕА+, по исполнување на одредени преговарачки критериуми.

Документот предлага и почести заеднички состаноци меѓу европските институции и претставниците на земјите кандидати, како и засилена парламентарна соработка.

Франција и Германија нагласуваат дека постепената интеграција не е алтернатива на полноправното членство, туку инструмент за негово забрзување.

 – Целта за полноправно членство останува непроменета – се наведува во нон-пејперот, кој предвидува целиот процес да биде заснован на мерлив напредок, реформи и исполнување на европските стандарди.