Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Британските земјоделци се соочуваат со најтешката епидемија на болеста „син јазик“ досега, со број на заболени животни поголем од вкупниот број регистрирани случаи во претходните три години, соопшти британското Министерство за животна средина, храна и рурални работи.

Од 1 јули досега се регистрирани 2.201 случај, од кои 1.103 само во септември. Болеста ова лето за првпат се проширила и во Шкотска.

Том Кантилон, виш аналитичар во Одделот за енергетска и климатска политика, оцени дека рекордната епидемија годинава може да биде показател за идните ризици.

-Со климатските промени што ја зголемуваат веројатноста дека ќе имаме поблаги зими и потопли лета, штетниците и патогените кои претходно не можеа да преживеат тука сега би можеле да најдат дом тука. Ова ќе има длабоко влијание не само врз земјоделците, туку и врз пошироката јавност – рече Кантилон.

Претходно летово, комарци способни да ги пренесуваат вирусите зика и денга биле пронајдени како се размножуваат во домовите во источен Лондон. Експерти предупредуваат дека забрзаното затоплување на климата би можело да придонесе за поголемо ширење на инвазивни видови комарци.

Болеста „син јазик“ ги зафаќа овците и говедата и може да предизвика треска, чиреви, оток на главата и отежнато движење. Кај заразените животни често доаѓа и до отекување на јазикот.

Вирусот се пренесува преку каснување од мушички, а потекнува од Африка. Во последните две децении се шири низ Европа. Светската организација за здравје на животните го поврзува ширењето на болеста со климатските промени, додека академици наведуваат дека повисоките температури придонесуваат за зголемување на бројот на регистрирани случаи.

Болеста „син јазик“ не ги заразува луѓето и не претставува ризик за безбедноста на храната.