Одлуката на земјите од Групата седум (Г7) да ослободат нафта и дизел од резервите за вонредни ситуации може привремено да ги намали цените, но нема целосно да го отстрани недостигот на рафинирани горива и ризиците за снабдувањето преку Ормускиот теснец, оценуваат експерти цитирани од ДПА и Ројтерс.
-Ослободувањето на резервите може да ги ублажи ефектите за некое време, но главниот проблем останува – изјави Самина Султан од Германскиот економски институт.
Според Султан, влијанието врз потрошувачите ќе зависи и од количината дизел што ќе биде пуштена на пазарот, а која не е наведена во соопштението на Г7.
Оле Хансен, раководител на стратегијата за стоки во Саксо банка, оцени дека главниот притисок врз енергетскиот пазар повеќе не е толку поврзан со достапноста на сурова нафта, туку со снабдувањето со рафинирани нафтени производи.
-Тоа останува ограничено поради помалиот капацитет и намаленото производство во рафинериите на Блискиот Исток и Русија – наведе Хансен во анализа на состојбата на пазарот на нафта.
Земјите од Г7 вчера се согласија да ослободат до 100 милиони барели сурова нафта и дизел гориво од резервите за вонредни ситуации, во период од четири месеци. Мерката ќе биде координирана преку Меѓународната агенција за енергија, при што значителни количини дизел ќе бидат достапни во првите 20 дена.
Г7 соопшти дека ќе разговара и за можноста за дополнително ослободување на резервите на дизел. Истовремено, земјите членки се обврзаа да не воведуваат ограничувања за трговијата со енергија и нафтени производи меѓу себе.
Американскиот претседател Доналд Трамп, неколку часа по одлуката, изјави дека нема да дозволи забрана за извоз на дизел од САД. Претходно тој побара од европските земји да ослободат дел од своите резерви на дизел, додека Вашингтон разгледуваше можност за ограничување на извозот од САД.
Рекордно високите цени на дизелот го зголемија притисокот врз американската администрација. Сепак, аналитичари предупредија дека евентуалната забрана за извоз би можела дополнително да го продлабочи глобалниот недостиг и да доведе до намалување на производството во американските рафинерии.
































