Фото: Маја Јаневска-Илиева

Шкотските хуманитарни организации „Тартан арми саншајн апил“ и „Тартан арми чилдренс черити“ обезбедија донации за локални хуманитарни организации и заедници во Скопје и Кочани, во пресрет на вечерашниот натпревар од Лигата на нации на УЕФА меѓу фудбалските репрезентации на Шкотска и Македонија.

Шкотските навивачи, познати како „Тартан арми“, преку различни хуманитарни активности ја продолжија традицијата на поддршка на локалните заедници. Активностите опфаќаа иницијативи поврзани со музиката и фудбалот, но и директна помош за ранливи категории, со акцент на солидарноста, пријателството и заедништвото.

Во рамките на иницијативите, шкотските навивачи го поддржаа Рома рок училиштето во Скопје, каде што на настанот беше истакната креативноста и талентот на младите.

Во Кочани, пак, беше предадена донација за фудбалскиот клуб „Фудбал старс“.

Фудбалскиот натпревар меѓу Македонија и Шкотска ќе се одигра вечерва на Националната арена „Тоше Проески“ во Скопје, со почеток во 20.45 часот.