Фото: Маја Јаневска-Илиева

Премиерот Христијан Мицкоски денеска, коментирајќи го пренесувањето од Грција во Бугарија на посмртните останки што се идентификуваат со Цар Самоил, се осврна на историскиот контекст на Бледскиот договор и на пренесувањето на моштите на Гоце Делчев во Скопје.

Одговарајќи на новинарско прашање дали пренесувањето на посмртните останки може да има импликации врз односите на Македонија со Грција и Бугарија, Мицкоски рече дека прашањето треба да се разгледува низ призмата на Бледскиот договор.

-Јас тоа го коментирам во насока на Бледскиот договор којшто е постигнат веднаш после капитулацијата на фашистичка Бугарија, којашто ја има, би рекол, окупирано за време на Втората светска војна територијата на денешна Македонија – изјави Мицкоски по увидот во градежните активности на мостот што се гради на улицата „Љубљанска“ во Карпош.

Во однос на пренесувањето на посмртните останки, премиерот се осврна на пренесувањето на моштите на Гоце Делчев во Скопје, посочувајќи дека тоа се случило како резултат на Бледскиот договор.

-Што се однесува до пренесувањето на моштите, јас би се вратил назад неколку децении кога моштите на македонскиот великан Делчев, како резултат на тој Бледски договор, се донесени во Скопје. И тоа е нешто што треба нас како Македонци да нè прави горди, затоа што моштите на тој великан, којшто бил во свое време пред времето, симболизираат многу за македонскиот идентитет – нагласи Мицкоски.

Мицкоски изрази жалење што, според него, денеска малку се говори за Бледскиот договор и за договореното со него.

-И штета што малкумина денеска го споменуваат Бледскиот договор и сè она коешто таму е договорено, а тоа не е така одамна, тоа е пред неколку децении. Ќе повторам, после капитулацијата на фашистичка Бугарија за време на Втората светска војна, којашто, ќе повторам, во тоа време ја окупирала територијата на денешна Македонија – рече премиерот.

Во своето обраќање Мицкоски се осврна и на актуелни политички прашања, упатувајќи критики кон политички претставници од опозицијата, во контекст на нивните ставови за историските настани.