Фото: Министерство за европски прашања

Европа треба да биде поблиску до нашите граѓани, не само преку ветувања, туку преку конкретни резултати, порача вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали по средбата со европската комесарка за проширување Марта Кос во Брисел.

На средбата, како што информира Сали, се разговарало за европската иднина на Македонија и можностите што ги отвора новиот пристап на Европската Унија кон проширувањето.

– За нас, постепената интеграција е можност реформите да се претворат во видливи придобивки: поевтини плаќања преку SEPA, подобра дигитална поврзаност, нови можности за бизнисите и приближување кон европските програми – вели Сали.

Тој посочи дека Македонија останува посветена на реформите и очекува тоа соодветно да биде вреднувано.

– Истовремено, веруваме дека напредокот треба да се вреднува според заслугите и да биде проследен со конкретни чекори кон членството – порача вицепремиерот.

Сали изрази задоволство што комесарката Кос ималс можност директно да комуницира со македонските медиуми, преку интервју посветено на европската перспектива.

– Европската интеграција треба да биде процес што граѓаните го гледаат, го чувствуваат и од кој имаат придобивки – истакна Сали по разговорите со Кос.

На средбата биле разгледани и Планот за раст и евроинтегративниот процес на земјава.

Сали престојува во тридневна посета на Брисел, во чии рамки остварува средби со претставници на европските институции посветени на евроинтеграциите и продлабочувањето на соработката со Европската Унија.