Дел од улиците и булеварите во Скопје утре, од 6.00 до 14.00 часот, ќе бидат затворени за сообраќај поради одржувањето на 22. Виз Ер Скопски маратон. Возилата ќе се пренасочуваат по алтернативни сообраќајници, во зависност од движењето на тркачите, пренесе МИА.
Како што соопшти организаторот, посебниот сообраќаен режим ќе ги опфати улиците и булеварите долж трасата на маратонот.
За сообраќај ќе биде затворен потегот од Рекорд, односно улиците „Македонија“ и „Димитрие Чуповски“, продолжувајќи по булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ и улицата „Васил Чакаларов“ до реонот на Хром.
Затворени ќе бидат и делови од улицата „11 Октомври“, односно потегот од Собранието кон Црвен крст, како и делови од булеварите „Крушевска Република“ и „Трета македонска бригада“, до делот кај Американ колеџ.
Во општина Аеродром, со посебен сообраќаен режим ќе бидат опфатени потезите кон Воен базен, Мајчин дом и булеварот „Јане Сандански“, до раскрсницата со булеварот „Србија“.
На посочените сообраќајници возачите ќе треба да користат алтернативни правци, а конкретното пренасочување ќе се врши согласно движењето на учесниците на маратонот.
Од Министерството за внатрешни работи апелираат до возачите да го избегнуваат движењето по трасите во периодот од 6.00 до 14.00 часот и да ги почитуваат наредбите и насоките на униформираните полициски службеници на терен.
Организаторите ги замолуваат граѓаните за разбирање поради привремениот сообраќаен режим и ги повикуваат навреме да го испланираат своето движење во недела, со користење алтернативни сообраќајни правци каде што е потребно.
































