ВО СКОПЈЕ ПО ИНИЦИЈАТИВА НА МОК

  • Круна на настанот беше потпишувањето на Декларацијата за воспоставување Центар за спортска дипломатија на Западен Балкан, заедничка регионална платформа што ќе ги обедини олимписките комитети во насока на посилна соработка, размена на знаења и заедничко претставување на европската и на светската сцена. Ова не беше само конференција. Ова беше почеток на ново поглавје во кое спортот станува двигател на дипломатијата, партнерствата и на регионалниот развој,
    информираат од МОК

Македонскиот олимписки комитет (МОК) организира национална конференција „Спортска дипломатија: политики, практики и идни можности“, на која беше направен историски исчекор за регионот со формирањето на Регионалниот центар за спортска дипломатија, информира МОК. На неа учествуваа претставници на олимписки комитети од Македонија, БиХ, Црна Гора, Бугарија, Албанија и од Косово, повеќе од 15 амбасадори и претставници на амбасади од земјата и од регионот, претставници на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, на државните институции, академската заедница и спортски организации.
Круна на настанот беше потпишувањето на Декларацијата за воспоставување Центар за спортска дипломатија на Западен Балкан, заедничка регионална платформа што ќе ги обедини олимписките комитети во насока на посилна соработка, размена на знаења и заедничко претставување на европската и на светската сцена. Ова не беше само конференција. Ова беше почеток на ново поглавје во кое спортот станува двигател на дипломатијата, партнерствата и на регионалниот развој, информираат од МОК.
Претходно, раководството на Македонскиот олимписки комитет, предводено од претседателот Даниел Димевски и од генералниот секретар Ѓорги Тасев, во Олимпискиот дом оствари работна средба со постојаната координаторка на Обединетите нации во Македонија, Рита Колумбија. На состанокот, на кој присуствуваше и стручниот тим на институцијата, беа разгледани повеќе заеднички проекти и иницијативи насочени кон унапредување на општествениот амбиент преку призмата на спортот. Двете страни се согласија дека спортот претставува универзален јазик што ги надминува бариерите и има моќна улога во градењето инклузивно, здраво и просперитетно општество, велат од МОК. Г.И.