Продолжуваат геополитичките прегрупирања внатре во ЕУ – Вишеградската група кани нови членки
- Најавеното окрупнување на сојузот В4 во моќен централноевропски блок од осум земји е нова шанса за Македонија. По Будимпешта, Братислава, Прага, сега Скопје и преку другите поддржувачи на принципот на легалитетот (а не на идеолошкото политикантство), оние што стриктно се придржуваат на меѓународното право и на јус когенс, оние што се противници на ревизионистичкиот пристап кон историјата, како што е на пример официјален Загреб (Љубљана, Виена…), може да изврши контрапритисок врз бугарските небулозни барања, со кои Софија и дел од европските елити ги замаглуваат европското право, принципи и критериуми врз кои е поставена Европа
Внатрешното реструктурирање на Европската Унија уште повеќе го забрза склучувањето нови сојузништва меѓу земјите членки, во насока на нивна поголема видливост и остварување на нивните национални интереси што како поединци тешко можат да ги артикулираат во рамките на сегашниот однос на силите во Унијата.
Токму поради тие причини многу иницијативи полека добиваат проширени контури, а една од тие е Вишеградската група, која ги обединува земјите од Централна Европа.
Многу кратко по парламентарните избори во Унгарија во средината на април, лидерот на победничката партија ТИСА, во меѓувреме и новоименуван премиер, Петер Маѓар, меѓу своите први иницијативи најави проширување на Вишеградската група од сегашните четири членки — Унгарија, Полска, Чешка и Словачка, на осум, што би ги вклучило и Хрватска, Австрија, Словенија и Романија.
Вклучувањето дополнителни четири земји не значи ништо друго туку поместување на фокусот на овој сојуз директно кон Југоисточна Европа и Дунавскиот Регион, при што јасно е дека прашањата за Западен Балкан, вклучувајќи го и проширувањето на ЕУ, едноставно ќе добијат многу поголема тежина во Брисел. Но многу поважно за овие земји е што стануваат далеку повидливи и помоќни во рамките на ЕУ.
Резултати дома, за силна поддршка надвор
Македонија традиционално има одлични дипломатски и економски односи со земјите од Вишеградската група, но евентуалниот влез на Хрватска во ова друштво може особено многу да значи за земјава, имајќи го предвид фактот дека токму оваа земја е новиот шпиц-играч за Македонија во ЕУ. Впрочем, тоа во повеќе наврати го истакнуваа и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, како и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој за време на неодамнешната посета на земјава најави дека Хрватска ќе помага во македонскиот евроинтегративен пат.
Во рамките на македонско-хрватската стратешка соработка македонската дипломатија, со востановениот концепт за стратешки договор, треба дополнително да ги интензивира контактите со хрватските колеги во насока на промовирање на македонската позиција наспроти билатералните опструкции од страна на официјална Софија.
Секако, окрупнувањето на Вишеградската група нема да се случи прекуноќ бидејќи потенцијалните кандидати за влез ги преиспитуваат можностите што се пред нив, но и без формалното пристапување на поканетите земји реформистичката идеја за Европа продолжува да се реализира со заеднички сили, па тука Македонија може да ја гледа својата шанса за прифаќање на тој суверенистички пристап во заштитата на националното достоинство и интереси.
Во меѓувреме земјава не смее да избрза подлегнувајќи на притисоците од Брисел, но воедно не смее ниту да губи време во чекање, туку треба да ги интензивира внатрешните реформи онака како што од неа очекува ЕУ, но уште повеќе македонските граѓани. Борбата со криминалот и корупцијата, градењето правна држава, функционални институции, инфраструктурни капитални проекти, квалитетно здравство и образование, како и стабилна и одржлива економија, се клучните приоритети важни за побрзо интегрирање во ЕУ. Со такви реални постигнувања во реформскиот процес, преговорите со ЕУ реално може да се скратат многу (а не со политички отстапки) и Македонија да стане дел од Унијата во исто време со други земји што реално отвораат поглавја, но суштински немаат напредок со реформите.
Како проширениот блок В8 може да ја извлече Македонија од европскиот ќор-сокак
Поранешни дипломати, како и некои наши дипломатски претставници и бизнисмени во Хрватска, се согласуваат дека македонско-хрватското пријателство било традиционално низ историјата и дека тоа треба да се искористи.
– Со евентуалниот влез на Хрватска во Вишеградската група (В8), нејзиниот капацитет драматично се менува. Хрватска повеќе нема да настапува како осамен регионален поддржувач на Скопје, туку нејзиниот глас ќе ја носи тежината на моќен централноевропски блок. Кога премиерот Пленковиќ во Брисел ќе го отвори прашањето за неправедните бугарски блокади кон Македонија, тој зад себе ќе ја има координираната логистика на уште седум земји членки. Тоа го трансформира хрватското застапништво од „пријателски совет“ во сериозен дипломатски притисок врз Софија, но и врз скептичните западноевропски метрополи – велат дипломатите.
Според нив, за македонската дипломатија ова е јасен сигнал дека мора итно да помине во офанзива и да има постојана координација со хрватските колеги околу важни прашања за нашиот европски пат.
– Наместо да трошиме ресурси на убедување на Париз или Берлин, кои суштински не ги разбираат нијансите на балканските историски спорови, нашиот фокус мора да биде максимално интензивирање на контактите со хрватските колеги. Македонија треба да го искористи Загреб како свој преведувач и застапник во Брисел. Преку заеднички македонско-хрватски дипломатски канали, пресудите од Стразбур против Бугарија и легитимните барања за реципроцитет може да бидат формулирани како официјален став на овој нов централноевропски сојуз. На крајот, патот кон Брисел за Македонија не води директно преку Софија, туку преку градење паметни сојузи со оние што знаат како се победува на тој терен. Хрватска последна го изоде тој трнлив пат, се соочи со слични билатерални условувања од Словенија и успеа да ги надмине без да го загрози сопственото достоинство. Додека Скопје си ја врши домашната задача со суштински реформи во правосудството и борбата против корупцијата, евентуалниот влез на Хрватска во Вишеградската група ќе ни ја даде неопходната политичка заштита. Време е македонската надворешна политика да сфати дека во Загреб го има најверниот сојузник, сојузник што не само што ја разбира нашата мака туку сега добива и моќен европски мегафон за да ја пренесе нашата вистина. Се разбира, Македонија, покрај Загреб, може да ја искористи Будимпешта, Прага или Љубљана како медијатори во спорот со Бугарија. Наместо да преговараме директно со Софија, каде што сме во подредена позиција, преку овој блок можеме да договориме регионален пакет на солуција каде што гарант би бил овој моќен централноевропски сојуз. Накратко, за Македонија ова е шанса да престане да биде „осамен стрелец“ на Балканот и да се приклучи под чадорот на нов, моќен европски блок, кој ги разбира нашите проблеми многу подобро од Берлин или Париз – заклучуваат дипломатите.

































