- Зошто дојде Кошта во Македонија? Подобро да не анализираме, дојде и си замина. Овде остана впечатокот дека за ЕУ сме еден голем експеримент со глувци, јали бели, јали сиви, на кои испитува колку тие можат да трпат и да се понижуваат
- Моменталната состојба ЕУ-Западен Балкан (што е де факто геополитички термин скроен од ЕУ) совршено се објаснува со метафората на романот „Камениот сплав“ на португалскиот нобеловец за литература Жозе Сарамаго, каде што опишува како Иберискиот Полуостров се одвојува од европското копно и плови по океанот, што е критика за таа ЕУ-интеграција. Па, добре дојде, Жозе, на камениот сплав на Западен Балкан
Големото прашање што многу аналитичари го поставија во јавниот простор (премногу загаден, многу ѓубре има за чистење, што е во доменот и на политичката екологија) е зошто Антонио Кошта, претседателот на Европскиот совет, дојде во официјална посета на Македонија. Понекогаш, а веројатно и сега, е подобро да биде така, да се нема соодветен одговор и затоа нека остане на хронологијата – на тој и тој ден Кошта беше во Скопје. И точка. Потоа тој замина во Албанија, па ќе оди во Црна Гора…И ќе има самит ЕУ-Западен Балкан во Црна Гора…
Ете, и јас како аналитичар, но и хроничар на македонскиот пат кон ЕУ, можам да кажам нешто, веројатно и ќе се повторам, но тоа треба да го разбереме како библиски метод, односно повторување одредени нешта за да останат запаметени. Ние сме, ќе ми простите, но токму тоа сме во однос на Брисел – експериментални глувци. Пробуваат да видат колку еден глушец, можеби е бел, а можеби е и сив, може да издржи, колку е отпорен, до каде може да оди по она што му се подава како морковче, но внатре и понекоја доза отровче. Можат ли глувците (Македончињата) да создадат имунитет на тоа отровче или не? И што сѐ ќе направат за да дојдат до храна – морковче? До каде може да оди нивното понижување? Е, сметам дека ова се веќе поважни прашања отколку она што Кошта го кажа – да си го смените Уставот.
Ова, секако, е ултиматум. Повторно прашање – ултиматум на Европската комисија или ултиматум од ЕУ? Дали сите вака размислуваат во ЕУ? Дали сите членки ги знаат генезата и суштината на она што се бара во пакетот наречен реформи во Македонија? Бидете уверени дека таму некои политичари што креваат по два прста во Финска или Естонија немаат поим за што станува збор. Па, дури и некои наши авторитети не знаат дека проблемот со Карло или Шарлеман не е ист со проблемите што овде ни се калемат како услов за излез од сенката на бугарските условувања. Карло Велики е Карло Велики за Германците, за Французите е Шарлеман. Дали Кошта се наметнува над она што се вика Европски парламент и токму тој е единствениот, заедно со Фон дер Лајен, што ги носи решенијата или дошло време во ЕУ Парламентот да биде дефакторизиран? Има ли процес на правно скенирање на Протоколот бр.2 од меѓувладината средба меѓу Македонија и Бугарија или нема? Ако нема, тоа треба да се каже, а ако има, тогаш и тоа треба да се рече, што значи ќе треба на тоа и да се почека.
Но, ако постои веќе некаков дијалог, во тој случај се поставува прашањето дали тој се води на колку-толку рамна нога или не. Има ли право Македонија да каже што мисли? Би требало да е така. Секој има право на аргументација, па дури и на тој што му се суди за очигледно злосторство.
Но, да се вратиме на експериментот со глувците, во кој не сме само ние. Ете, му се погоди на дел од Балканот да биде географско подрачје за експеримент. Па, да се сетиме кој го измисли поимот Западен Балкан. Ние секако не. Ама ги удрија границите на поделби без да нѐ прашаат што мислиме и дали сакаме. Секако тоа беше Европската Унија уште во 1990-тите, и тоа е чист геостратегиски потег за да ја одвојат Словенија од поранешна Југославија, но да ја додадат Албанија. Подоцна од тој простор лека-полека се извлекуваше и Хрватска. Денес тој вештачки создаден географски простор е забетониран. Плочата на таа вештачка ЕУ-конструкција беше фрлена (ај, аирлија) за време на состанокот на Европскиот совет во Виена во декември 1998 година. Концептот се институционализираше во 1999 година со лансирањето на Процесот за стабилизација и асоцијација (ПСА) на самитот во Келн, и ова може да се прочита како германско-австриски проект за влијание на овие простори (Босна, Србија, Албанија, Косово, Македонија, Црна Гора). Секако дека има и унгарско, турско или, ако сакате, кинеско или руско влијание, па и француско. Круната на овој процес беше ставена во Солун во 2003 година, со политиката на отворени врати за ЕУ. Низ тие врати помина само Хрватска, и ние тогаш рековме – нека им е со среќа. Како што одат работите, сега може да се очекува со овој рударски поздрав да ги испратиме во Брисел Украинците, кои иако кога ние бевме влезени во центрифугата на ЕУ, беа во сосема друг свет, наречен источно партнерство. Може дури и Молдавија да отиде пред нас.
Па, каква е оваа трка? Има ли правила што важат за сите? Иако не постојат глупави прашања, сепак, за вакви прашања слободно можеме да кажеме дека се глупави. Нема правила, а за Македонија постојат и повеќе услови отколку правила.
Зошто е тоа така? Можеби одговорот би го нашле во навраќање во историјата, во време на Руско-турската војна, во Берлинскиот конгрес, Версај, Букурешкиот мировен договор. Кресна. Е, да, Кресна, од каде се испрати порака дека ако француската република е родена во револуција, македонската република е создадена со востание (востанија). Така вели историјата, и во неа сигурно ќе го најдеме одговорот, затоа што во многу нешта ситуацијата личи на денешната. Постои историски ревизионизам на европска почва, но и атмосфера на историски реваншизам. Се земаат мерките на многу држави, се прават тајни пактови и сојузи. Ние така треба да гледаме на работите, затоа што, еве, станува сѐ поочигледно дека сме на масата каде што се играат големи геополитички игри. Се нудат пиони или евентуално коњи како жртви, но од нас се бара да ја жртвуваме кралицата за ловец (некаквоси членство во ЕУ), а по два потега и кралот ќе падне. Држава без крал не оди, јасно ни е тоа.
Да, нам ни е јасно, но некому не му е, па упорно секој ден како мегафон повикува на уставни измени и дека токму тоа Европа го бара од нас. Тој што сега ја презел улогата на мегафон не ги разбрал суштината, улогата и намената на лидерите, која, секако, не е да викаш, туку да решаваш, а не да создаваш проблеми. Дека тој што е избран од народот работи за народот. Дека тие ја имаат уставната обврска да работат во согласност со Уставот и законите, а не спротивно на тоа. Тој што работи спротивно на она за што положил заклетва, тој е криминалец и како на таков треба да му се суди. Секаде е така. Па, дури и во затворска ќелија ако не ги почитуваш затворските правила, пишани и непишани, ти следува казна. Тоа се принципи и правила на игра.
Да не заборавиме дека дававме, ѝ дававме на Европа, ѝ дававме и човечки животи кога требаше со крв да се плати слободата, за слободата ако треба пак ќе гинеме, но нема да гинеме за двојните стандарди на Брисел. Па, тоа би било лудило, одлука на непресметливи луѓе. Ја усогласивме заедничката надворешна политика, воведуваме ембарга на трети земји (сега над глава ни висат санкции кон Кина, заради усогласеноста), испраќавме мировници по светот. Дадовме име. Ееееј, името го дадоа. Претходно знамето, јазикот ни го исекоа и дома и по туѓини, а Македонија можеме да си ја викаме Македонија само по дома во влечки, грицкајќи сончоглед на некоја турска серија. Тој што ја шитна Македонија сега вика – има уште за шиткање. А од ЕУ викаат – имате уште за давање. Ако ова не е јасно, тогаш не знам што е. Не треба ни да се црта, нацртано е, нацртани се и внатрешните граници на ова што остана од целото.
Како за крај на оваа песна за болниот пациент (Македонија и другите од регионот) легнат на европска постела, добро е да се потсетиме што велел на времето португалскиот нобеловец за литература Жозе Сарамаго (инаку и Кошта е од Португалија). Тој европската интеграција ја дефинира како „политичка манипулација“ и дека ЕУ-блокот функционира на принципот „земји што командуваат и земји што се покоруваат“. Своите идеи ги дешифрира во романот „Камениот сплав“, една метафора за Иберискиот Полуостров (Шпанија и Португалија), кој физички се одвојува од континентот и почнува да плови по Атлантикот.
Добре дојде, Жозе, на камениот сплав на Западен Балкан. И ние негде ќе пловиме со оваа ЕУ, каде што не се знае кој го држи кормилото. Среќен да ни е патот!
Христо Ивановски

































