Пеце Брада Трајковски, музичар

Интернационалниот фестивал за современа уметност и култура „Пеењето на славејот“, годинава под мотото „Ноќ на границата“, ќе ги сплоти Балканот и светот во Преспа од 18 до 20 септември. Годинашното издание ќе се одвива во Лемос (Преспа), на само неколку метри од историскиот граничен премин Лемос–Маркова Нога, кој е затворен уште од 1967 година. Повеќе од 75 креативци од осум земји ќе се обединат преку визуелната уметност, музиката и филмот, трансформирајќи го овој граничен простор во место за културна средба, дијалог и отворена размена.

Што значи за вас фактот што „Пеењето на славејот“ се одржува токму на гранично место?
– Фактот што фестивалот „Пеењето на славејот“ се одржува токму на ова гранично место носи длабоко алегорично, но и многу конкретно значење. Самата природа нè учи на единство – песната на славејот звучи истоветно од двете страни на она што луѓето го дефинирале како политичка граница. За птицата, железните рампи не претставуваат пречка; нејзиниот глас слободно ечи и прелетува преку бариерите. Оваа моќна метафора ни покажува дека вистинската уметност, исто како и песната на славејот, поседува капацитет да ги надлета и најкомплексните геополитички бариери – без разлика дали станува збор за апстрактни државни граници, природни пречки како Преспанско Езеро и Хималаите или, пак, за менталните бариери што со децении ги разделувале луѓето. Одлуката фестивалот да го позиционираме токму во Лемос, на самата граница, која е фактички затворена и нефункционална уште од далечната 1967 година, произлезе од една насушна, долго таложена потреба. Живееме во ера во која комуникацијата меѓу соседите претежно се сведува на прагматична економска размена, трговија и туризам, додека суштинскиот, хуман и културен простор останува занемарен. Овој регион е историски ранлив, но истовремено е преполн со заеднички приказни, звуци и традиции што чекаат повторно да се поврзат. Затоа, сметаме дека не постои посилно место и поголема симболика од оваа точка за да се постави платформа на современа уметност. Уметноста отсекогаш имала општествена обврска да биде предвесник на промените. Таму каде што политиката честопати заглавува во административни и прагматични лавиринти, уметноста доаѓа со својот универзален јазик за да изгради мостови, да отвори суштински прашања и да ги обедини луѓето на едно многу подлабоко, емотивно и интелектуално ниво.
Зад реализацијата на оваа прва, пионерска едиција на фестивалот стои огромен деноноќен труд на еден извонреден меѓународен тим, кој функционираше во апсолутна кохезија од двете страни на границата. Нашата долгорочна визија е „Пеењето на славејот“ да прерасне во традиционална, долгогодишна платформа за културна размена. Сакаме Преспа да стане точка во која ќе се вкрстуваат креативните енергии на Балканот, Европа и светот, придонесувајќи кон отворање на овие затворени граници – најпрво симболично преку културата, а во блиска иднина и фактички во реалниот живот.

Над 75 уметници од осум земји се среќаваат во Преспа. Што се случува кога на едно место ќе се сретнат толку различни уметнички јазици, традиции и погледи?
– Кога на едно место ќе се спојат над 75 уметници од осум различни земји, се создава специфична, креативна нуклеарна реакција. Она што го прави овој фестивал уникатен и му дава посебна институционална тежина е нашиот фокус исклучиво на современата уметност. Ова не е уште една во низата редовни погранични средби што се потпираат на репродукција на веќе познати, традиционални фолклорни содржини. Напротив, „Пеењето на славејот“ носи авторски, автентични и современи изрази. Вистинската промена и еволуција во општеството и уметноста секогаш настануваат преку љубопитноста кон различното. Токму таа љубопитност е катализаторот кога толку различни уметнички јазици, традиции и погледи ќе се соочат на едно вакво автентично место. Оваа средба не е само естетска туку и длабоко човечка; таа отвора директен дијалог и размена на идеи, создавајќи ја совршената почва од која природно ќе никнат идни меѓународни соработки.
Како музичар, но и како координатор на музичката програма, за мене лично е огромна чест што во овој пограничен регион имаме можност да презентираме нешто навистина скапоцено. Имено, ќе настапат етаблирани македонски современи бендови и изведувачи што творат и изведуваат сопствена, авторска музика на македонски јазик. Покрај нив, публиката ќе сведочи и на фасцинантни заеднички перформанси – директни сценски фузии помеѓу македонски и грчки музичари. Ако ги земеме предвид историската динамика во регионот и долгогодишниот, конзервиран политички амбиент, кој со децении ја држеше културната размена во статус на изолирана појава, со право можеме да кажеме дека ова што го реализираме е историски чин. Овој чекор на директно културно преплетување меѓу двете земји претставува моќна инспирација што ја карактеризира и проширува мисијата на фестивалот – да обединува и да поставува нови стандарди за заедништво на цел Балкан, па и пошироко во Европа.

Програмата ги обединува визуелната уметност, музиката и филмот, а годинашното издание носи и силна симболика преку мотото „Ноќ на границата“. Што подготвивте за публиката и кои се главните содржини што ќе може да ги види и доживее?
– Корените на оваа иницијатива и поривот за синтеза на повеќе различни уметнички форми под едно мото се надоврзуваат на едно значајно институционално искуство. Иницијалната искра се запали во рамките на манифестацијата „Смилевски конгрес“, проект на кој сум коосновач и каде што веќе три години работам како организатор и музички координатор. Во Смилево, уште од самиот почеток, ставивме силен акцент на обединувањето како основен историски постулат на самиот Смилевски конгрес. Водејќи се од таа идеја, секоја година каниме гости од соседството и пошироко, цврсто верувајќи дека преку космополитизмот всушност најдобро се нагласуваат автентичните уметности. Кога уметниците се спојуваат во заедница, нивниот оригинален индивидуализам не се губи, туку културолошки се дистинкцира и добива на вредност.
Токму таму ја започнавме плодната соработка со извонредните грчки уметници и членови на реномирани визуелни колективи како „БУФФ“, „Дистике Пинелиес“ и Третото сликарско ателје при Универзитетот на Западна Македонија – Факултет за ликовни уметности во Лерин, предводени од Димитра Марини, Софија Андонакаки и Харис Кондосфирис. Овој нов фестивал во Лемос се роди токму по нивна иницијатива, а се реализира во соработка со „Кооперација сешн“, како номадска платформа на НУ Манифестација „Смилевски конгрес“, со клучна и витална поддршка од нашето Министерство за култура. Оваа благородна идеја сега ја продолжуваме во Лемос, земајќи го Преспанско Езеро како природен симбол на заедништвото меѓу трите земји, додека песната на славејот ја користиме како универзална алегорија за бришење на границите. Мотото „Ноќ на границата“ совршено го отсликува она што ја очекува публиката низ три официјални фестивалски денови, каде што секој ден е посветен на посебен уметнички медиум: визуелните уметности, музиката и филмот. Иако 75. учесници доаѓаат од осум земји, јадрото го сочинуваат авторите од Грција, Македонија и Албанија. Ова претставува длабоко симболична трилатерална средба на брегот на заедничкото езеро – простор во кој природата не познава бариери, а рибите секојдневно ги преминуваат замислените политички граници. Музичката вечер ќе се одржи на 19 септември, со почеток во 19.30 часот по локално (грчко) време, на сцената пред општинската зграда во Лемос, Преспа, Грција. Изградивме програма со висок уметнички квалитет на која ќе настапат: битолското дуо „Трето колено“, скопската алтернативна група „Мојра“, ексклузивната меѓународна колаборација меѓу нашиот истакнат џез-пијанист Давид Скерлевски и специфичната грчка вокалистка и театролог Елени Антониу, како и виртуозното трио на познатиот грчки трубач Панделис Стојкос. По завршувањето на настапите на главната сцена, фестивалот ќе се пресели во алтернативен простор, каде што програмата ќе продолжи со отворен џем сешн меѓу уметниците од сите присутни земји. Тоа ќе биде најавтентичниот и најчистиот чин на културна размена, каде што уметноста ќе се раѓа на самото место.

Во која насока би сакале да се движи, развива, еволуира фестивалот, какви промени би сакале да предизвика во луѓето, во регионот, начинот на кој ја доживуваме границата?
– Како битолчанец што цел живот живее на само 15 километри од грчката граница, ова прашање го доживувам длабоко лично и професионално. Веќе 30 години сум активен член на македонски авторски бенд со кој успешно настапуваме надвор од нашите граници – главно низ Европа, а најинтензивно токму на Балканот. Низ сите овие три децении на сцената, за мене отсекогаш било фрустрирачки и парадоксално тоа што размената на современи авторски бендови и музичари помеѓу две земји со толку богата, квалитетна и вибрантна музичка сцена речиси не постоеше, со исклучок на ретки, изолирани случаи. Живееме во непосредна близина, а со години уметнички функциониравме одвоено. Цврсто верувам дека од сите страни на Преспанско Езеро постои огромен, наталожен потенцијал на чиста љубопитност и искрена желба за соработка. Вештачките линии нацртани на геополитичките мапи пред многу години можеби успеале административно да го затворат преминот, но во никој случај не можеле да ги пресечат културолошките сличности. Ние сме народи што делат ист простор, исти климатски услови, иста почва и ист воздух. Тој заеднички код неминовно нè поврзува, без разлика на политичките наративи. Од друга страна, дури и да сме развиле одредени различности низ годините, тоа е уште подобро за самата уметничка размена; токму тие автентични дистинкции ја раѓаат највозбудливата инспирација и ја збогатуваат соработката. Токму затоа, нашата примарна цел како организатори и претставници на оваа иницијатива е фестивалот „Пеењето на славејот“ конечно да го трасира и ширум да го отвори тој долгоочекуван пат на систематска соработка. И покрај историската дистанца и сите наметнати бариери од минатото, меѓу нас постојат толку многу креативна материја и неоткриен квалитет што едноставно мора да се искусат и споделат. Овој фестивал е институционален влог во почетокот на тоа важно патување.