Фото: Принтскрин

Граѓаните се прв приоритет на Владата, а целта е нивна максимална заштита, но и заштита на стопанството, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска за време на денешниот престој на граничниот премин Табановце.

Одговарајќи на новинарско прашање за состојбите на глобалните пазари и можноста за нов ребаланс на државниот буџет, министерката истакна дека во Министерството за финансии се анализира дали ќе биде потребна пренамена или нов ребаланс.

 – Секогаш носиме одлуки и мерки за граѓаните да живеат подобро. Во периодот кога го подготвувавме ребалансот состојбите беа помирни и не очекувавме дека ќе се движат во друга насока – рече Димитриеска-Кочоска.

Таа посочи дека податоците заклучно со 10 септември покажуваат дека буџетот се полни во согласност со планираното, но има одредени отстапувања кај акцизите.

Кај увозните давачки, според министерката, има раст од речиси 10 проценти во однос на истиот период минатата година, додека кај ДДВ растот изнесува 10,4 проценти. Во исто време, повратот на ДДВ е зголемен за 10,1 проценти, односно за 2,5 милијарди денари повеќе во однос на претходната година.

Димитриеска-Кочоска додаде дека позитивни движења има и кај данокот на добивка, персоналниот данок и придонесите.

До крајот на неделата, како што најави, ќе се одржи состанок со институциите од кои зависат буџетските приходи – Царинската управа и Управата за јавни приходи.

 – Потоа, врз основа на нивните согледувања, ќе донесеме одлука дали ќе одиме со ребаланс или со пренамена. Доколку се одлучиме за ребаланс, тоа не е нешто што е непознато, бидејќи и во претходните години имаше кризи и се носеле по два ребаланси. Ваквите состојби не зависат од нас и не може да се предвидат – истакна министерката.

Од Министерството за финансии потврдија дека во моментов не се разговара за други мерки, туку се следат состојбите.

 – Апсолутно нема промени во задолжувањата и одиме како што е проектирано со ребалансот на буџетот – рече Димитриеска-Кочоска.