a police officer in Turkey
Фото: ЕПА

Новата учебна година во Турција почна денеска со засилени безбедносни мерки во училиштата низ целата земја, по смртоносното пукање што се случи напролет.

Во Анкара и Истанбул, околу училишните објекти денеска беа распоредени дронови и хеликоптери, додека полициската единица задолжена за борба против криминалот поврзан со млади и дрога спроведе проверки, објави државната новинска агенција „Анадолија“.

Министерот за правда Акин Ѓурлек на социјалната мрежа „Икс“ објави дека националната операција „Безбедни улици“ била насочена против криминални организации кои ја загрозуваат иднината на децата.

И Министерството за внатрешни работи воведе дополнителни мерки со цел подобрување на безбедноста во и околу училиштата.

Министерот за внатрешни работи Мустафа Чифтчи изјави дека низ целата земја ќе бидат распоредени 31.000 надзорници во училишните простори, со задача да ја обезбедуваат безбедноста на игралиштата. За контролата на училишните влезови обезбедени се и рачни детектори за метал.

Засилените безбедносни мерки беа најавени по инцидентот во април во градот Кахраманмараш, кога ученик за време на напад застрела и уби 10 лица.

Министерството за правда соопшти дека ќе преземе мерки против новоформираните банди, особено оние поврзани со организираниот шверц на дрога – од улични дилери до поголеми наркосиндикати.

Критики за владините мерки упати синдикатот на просветните работници „Еѓитим-Сен“, кој претходно годинава повика, наместо засилено полициско присуство, да се обезбедат демократско учество, подобри образовни врски и социјална поддршка со цел училиштата да станат побезбедни.