Цената на дизел-горивото во земјава би била повисока за 11 до 11,5 денари за литар доколку Владата не донела одлука за намалување на акцизата, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Одговарајќи на прашање за тоа колкава би била реалната цена на дизелот без владината мерка, Мицкоски истакна дека намалувањето има директен ефект врз стандардот на граѓаните.
Премиерот информираше и дека во изминатиот период е зголемена продажбата на нафтените деривати на македонските бензински станици, особено на оние во близина на северната, западната и јужната граница. Причина за тоа, според него, е зголеменото точење гориво од граѓани кои доаѓаат од Србија, Косово и Албанија.
– Веќе стигнавме до повеќе од два милиони литри гориво што се точи на македонските бензински станици. Имајќи предвид дека приближно 70 проценти е дизел-гориво, доаѓаме до некаде 1,4 до 1,5 милиони литри – рече Мицкоски.
Според неговите пресметки, само врз основа на намалената цена на дизелот, дневната заштеда за македонските граѓани изнесува повеќе од 250 илјади евра.
– Ако се земат предвид две недели и веќе намалената акциза за безоловниот 95 и 98-октански бензин, тогаш доаѓаме до бројка меѓу 4,2 и 4,5 милиони евра. Тоа е директната заштеда која ја имаат македонските граѓани, а индиректната заштеда се проектира во ниската стапка на инфлација – истакна премиерот.
Мицкоски оцени дека и покрај актуелната светска енергетска криза, земјава во текот на јули и август бележи ниска стапка на инфлација, која, како што рече, е пониска и од просекот во Европската Унија.
Тој посочи дека Македонија е меѓу земјите со најниска инфлација во регионот, при што само Србија, според него, има за околу 0,2 до 0,3 процентни поени пониска стапка.
Мицкоски истакна и дека во моментов земјава има најниски цени на дизелот и на безоловниот бензин од 95 и 98 октани во споредба со повеќето соседни земји и дел од европските пазари.
– Разликата е меѓу 20 и 50 проценти. Тоа значи дека оваа Влада води сметка, во рамките на своите можности и повеќе од тоа, за да го заштити стандардот на граѓаните – порача Мицкоски
































