Фото: Принтскрин

Владата не се откажува од идејата за изградба на национален дата-центар, порача премиерот Христијан Мицкоски, отфрлајќи ги информациите дека Европската Унија се откажала од финансирањето и доделувањето грант за вакви центри во земјите од Западен Балкан.

Мицкоски денеска при посетата на ГП „Табановце“ рече дека Владата нема добиено официјален допис од ЕУ со таква информација.

 – Светот и човештвото одат во таа насока и тој процес е неповратен. Ние немаме добиено никаков допис од ЕУ дека се откажуваат од финансирање и давање грант за изградба на националниот дата-центар. Ако такво нешто пристигне, тогаш ќе можеме да го коментираме – изјави Мицкоски.

Тој оцени дека развојот на дигиталната инфраструктура и вештачката интелигенција се неопходни за идниот економски развој на земјата.

 – Прашањето е дали ние како држава сакаме да останеме заглавени во 19 и 20 век со некои ретрополитички сили или сакаме да грабиме кон иднината? Оваа Влада апсолутно води сметка за интересите на државата и граѓаните. Интересите на државата и граѓаните никогаш нема да бидат ставени во прашање – рече премиерот.

Мицкоски додаде дека токму благодарение на дата-центрите и вештачката интелигенција денеска може да функционира дел од опремата што се користи на ГП „Табановце“.

 – Без таа вештачка интелигенција и некои дата-центри, јас денеска немаше со вас да комуницирам на овој начин како што комуницирам – рече тој.

Информацијата дека ЕУ наводно се откажала од финансирање на национални дата-центри во земјите од Западен Балкан не ја потврди ниту евроамбасадорот во земјава, Михалис Рокас.

Одговарајќи на прашање дали Брисел ја сменил позицијата во однос на ваквите проекти, Рокас рече дека нема такви информации.

 – За жал, не можам да ја потврдам вашата информација. Како што веќе знаете, „Везилка“ беше пуштена во употреба, односно во функција пред два месеци. Таа треба да биде поврзана со поголемиот дата-центар во Република Грција, така што навистина досега немам добиено никаква информација во врска со вашето тврдење – изјави Рокас.

„Везилка“ е поддржана од Европската Унија и претставува дел од дигиталната инфраструктура што треба да ја поврзе Македонија со пошироката европска мрежа на дата-центри.

И Владата и Делегацијата на ЕУ во земјава, засега, велат дека немаат официјална информација дека Брисел се откажал од поддршката за изградба на национален дата-центар.