Во галеријата „КО-РА“ – Мал салон во Скопје вечерва, со почеток во 19 часот, ќе биде отворена изложбата „Скопски стрипосестри 2026“, посветена на творештвото на три авторки од македонската визуелна сцена.
На изложбата ќе бидат претставени делата на визуелните уметници Дона да Видра и Евгенија Трајковска, како и на мултидисциплинарната уметница Ангела Петрушевска. Преку различни авторски пристапи и визуелни изрази, изложбата го отвора просторот за женското авторство во стрипот и пошироко во деветтата уметност.
„Скопски стрипосестри 2026“ ја организираат ЈУ Дом на културата „Кочо Рацин“ од Скопје и Здружението на стрип-автори и љубители на стрипот „Стрип-центар – Стрипот може“ од Велес.
Проектен менаџер и промотор е Томе Трајков, додека куратор на изложбата е Иван Станчевски. Изложбата има цел да го афирмира стрипот како значаен вид визуелно раскажување, но и да придонесе кон поголема видливост на авторките што творат во оваа област. Наедно, таа отвора простор за разговор за актуелните текови, развојот и перспективите на деветтата уметност во Македонија.































