Women on Boards Adria (WOBA) и Board Ready ќе соработуваат со цел да создадат повеќе можности квалификувани жени лидерки од регионалната мрежа на WOBA, да бидат земени предвид при релевантни ангажмани за избор на членови на одбори и извршни позиции, како и при креирање бази на потенцијални кандидати. Условите на оваа соработка се утврдени со меморандум за разбирање, потпишан во Скопје од Тања Михајловска Димитриевска, регионална водечка амбасадорка на WOBA, и Кирил Колемишевски и Марија Кумбароска Ванбесиен, коосновачи на Board Ready.
Board Ready е глобален специјализиран провајдер на премиум консултантски услуги во областа на лидерството и менаџментот, кој носи меѓународна експертиза и високи професионални стандарди на Западен Балкан. Компанијата е меѓу првите во регионот што воведува вакво ниво на специјализирано искуство и професионализам во областа на лидерството, корпоративното управување и советувањето на извршниот менаџмент. Согласно договорот, Board Ready, во рамки на своите инклузивни практики за регрутација, приоритетно ќе ги зема предвид квалификуваните кандидатки од лидерската мрежа на WOBA за релевантни ангажмани за избор на членови на одбори и извршни позиции, како и за базите на потенцијални кандидати. Сениор партнерите на Board Ready ќе придонесуваат и како говорници, обучувачи и ментори во WOBA Board Readiness Programme и во други иницијативи на WOBA за развој на лидерството. Двете организации ќе соработуваат и на програми за подготовка за членство во одбори, едукација за корпоративно управување и унапредување на транспарентноста на критериумите за избор на членови на одбори.
Низ Западен Балкан, жените заземаат меѓу 15% и 26% од позициите во одборите, додека нивната застапеност на високите извршни позиции е значително помала. Во најголемите котирани компании во регионот, просечната застапеност на жените изнесува околу 19%, додека жените сочинуваат само 14,2% од највисоките раководни позиции.
Истражувањата на WOBA укажуваат на една од причините за бавниот напредок. Правилата за составот на одборите можат да влијаат врз тоа кој ќе биде избран во одборот, но не влијаат врз тоа кој воопшто ќе биде земен предвид за одредена позиција. Тоа зависи од начинот на кој кандидатите се идентификуваат и избираат, а токму кон овој сегмент е насочена соработката.
-Најчестиот приговор што го слушаме е дека нема доволно квалификувани жени. Нашата мрежа покажува дека тоа не е така. Она што досега недостасуваше не се кандидатки, туку поврзаноста меѓу нив и луѓето кои одлучуваат за назначувањата – изјави Тања Михајловска Димитриевска, регионална водечка амбасадорка на Women on Boards Adria.
Board Ready ги советува компаниите кои одлучуваат за составот на одборите.
– Жените од нашата мрежа ќе бидат земени предвид при донесувањето на тие одлуки – додаде Михајловска Димитриевска.
-Доброто корпоративно управување зависи од процесот, а не од добрите намери. Ако кандидатите секогаш се бараат во истиот круг, одборите ќе продолжат да изгледаат исто, а тоа претставува ризик за компанијата. Оваа соработка го проширува кругот на подготвени и кредибилни кандидати што можеме да ги земеме предвид за релевантни ангажмани. Таа придонесува и за поголема разновидност и за поригорозен професионален процес на пребарување и избор – изјави Кирил Колемишевски, коосновач на Board Ready.
-Горди сме што го носиме нашето меѓународно искуство и високите професионални стандарди на Западен Балкан, истовремено промовирајќи инклузивно лидерство и посилно корпоративно управување. Преку партнерството со WOBA се надеваме дека ќе придонесеме кон нејзината мисија за поврзување на квалификувани жени лидерки со поголеми можности за учество во одбори и на високи лидерски позиции низ регионот – изјави Марија Кумбароска Ванбесиен, коосновачка на Board Ready.
Како прв конкретен чекор во рамки на партнерството, Board Ready во октомври 2026 година ќе одржи онлајн работилница за членките на WOBA.
































