Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска го поздрави вчерашниот апел на американскиот претседател Доналд Трамп, кој побара Украина да ги прекине нападите врз руската дизел инфраструктура, што предизвикуваат недостиг на гориво.
– Можам само да ги поздравам сите повици до режимот во Киев да ги прекине нападите врз глобалната економска инфраструктура – наведе Песков.
Тој посочи дека ситуацијата на глобалните енергетски пазари се влошува главно поради „нестабилност и нова ескалација во регионот на Персискиот Залив“, а евентуалната забрана за извоз на дизел би можела да даде нов импулс на домашниот руски пазар.
Серијата украински напади со беспилотни летала со долг дострел врз руските рафинерии изминатите месеци го намалија производството на гориво во Русија, предизвикувајќи недостиг на бензин низ целата земја.
Киев соопшти дека неговите напади врз руските рафинерии имаат за цел да ја зголемат цената што Москва ја плаќа за продолжување на војната во Украина.
Голем број руски региони се соочија со недостиг на гориво, што негативно влијае на јавното расположение пред парламентарните избори, што ќе се одржат од 18 до 20 септември. МИА
































