Почнаа активностите за архитектонско и декоративно осветлување на Камениот мост, еден од најзначајните симболи и препознатливи обележја на Скопје.
Од Град Скопје информираат дека проектот има цел да ја истакне архитектонската убавина и историската вредност на мостот и да создаде впечатлива ноќна визура, која ќе стане дел од препознатливата панорама на градот.
Современото осветлување ќе биде внимателно усогласено со архитектонските карактеристики и автентичноста на објектот. Посебен акцент ќе биде ставен на карактеристичните камени сводови, со цел нивната форма и историска вредност да дојдат до израз, без да се нарушат изгледот и карактерот на мостот.
– Камениот мост е сведок на историјата на Скопје и еден од најзначајните елементи на градскиот идентитет. Како врска меѓу двата брега на Вардар, мостот со векови е дел од животот на градот и неговите граѓани – велат од Град Скопје.
Реализацијата на проектот е резултат на соработката со Општина Есенлер од Република Турција, потврдена со неодамна потпишаниот Протокол за соработка.
Од Град Скопје изразуваат благодарност до Општина Есенлер за поддршката, како и до институциите, стручните лица и сите поединци вклучени во реализацијата на проектот.
– Нашите симболи ја носат приказната за тоа кои сме. Наша обврска е да ги чуваме, да се грижиме за нив и достоинствено да им ги предадеме на идните генерации. Камениот мост е симбол на Скопје и заслужува да ја добие вистинската светлина и во ноќната панорама на градот – истакнуваат од Град Скопје.
Со реализацијата на проектот, Камениот мост ќе добие нов визуелен идентитет во вечерните часови, што дополнително ќе го збогати градскиот простор и туристичката понуда на Скопје.
































