Секторот за внатрешни работи Куманово поднесе кривична пријава против А.Д. од село Черкези, кумановско, поради сомнение дека на социјалните мрежи упатил закана кон претседателот на Владата.
Пријавата е поднесена поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“ по член 144 став 5 од Кривичниот законик.
Од СВР Куманово информираат дека Отсекот за компјутерски криминал, во содејство со Секторот за компјутерски криминал и Одделот за криминалистичка полиција при БЈБ, постапувал по случајот во брза постапка.
– На 11 септември годинава, на објава на профил на социјална мрежа на претседателот на Владата на РСМ, пријавениот напишал коментар со заканувачка содржина – наведуваат од СВР Куманово.
По предлог на надлежните, судија на претходна постапка му определил на пријавениот притвор во траење од осум дена.


