ФУДБАЛ
- Кога ќе се случи такво нешто, а може да се случи, на пример летот да биде откажан, возот да доцни или да има голем сообраќаен метеж,
не сакам играчите и стручниот штаб да паничат. Кога ќе се случи тоа, приспособете се, вели менаџерот на Арсенал, Микел Артета
Микел Артета вели дека во Арсенал биле подготвени за доцнењето на летот за натпреварот во Лигата на шампионите (ЛШ) на средината на минатата недела, бидејќи тој намерно ги менувал плановите за тренинг и патување во подготвителниот период за да ги подготви за такви ситуации. Екипата се соочи со проблеми во контролата на летање додека патуваше кон Италија за натпреварот против Наполи во средата. Тие на крајот пристигнаа со тричасовно задоцнување, но менаџерот Артета изјави дека неговиот тим бил подготвен благодарение на неговите методи.
– Ги сакам тие предизвици, се трудам да ги создавам уште во подготвителниот период. Така, кога ќе се случат, ние веќе сме ги доживеале и подготвени сме. Да се пристигне многу доцна на стадионот, да се промени рутината за играчите да мораат да направат нешто поинакво. Кога ќе се случи такво нешто, а може да се случи, на пример летот да биде откажан, возот да доцни или да има голем сообраќаен метеж, не сакам играчите и стручниот штаб да паничат. Кога ќе се случи тоа, приспособете се. Имаме два или три часа во авионот, можеме ли да ги искористиме? Играјте заедно, поминете време заедно, спијте. Но не жалете се и не користете го тоа како изговор, оти воопшто не помага – рече Артета на прес-конференцијата во петокот, пред саботното гостување кај Сандерленд во Премиер-лигата, пренесе „Би-би-си“.
Артета додаде дека неговите методи вклучуваат и одложување на оброците или транспортот, користење различни рути до стадионите, како и зголемување на температурата и создавање помалку пријатни услови во соблекувалната за играчите.
Тој изјави дека тоа ги намалува стресот и изненадувањето на денот на натпреварот кога ќе дојде до такви пречки. Ова не е првпат Артета да користи необични методи при подготовките на својот тим. Шпанецот еднаш донесе светилка во соблекувалната, барајќи од играчите да бидат енергични и да „блеснат“. Во друга пригода, тој дури ангажираше професионални џепчии на тимската вечера за да им ги земат телефоните и паричниците на играчите, што послужи како лекција за тоа колку е важно да останат внимателни. Во 2023 година тој однесе куче по име Вин во тренинг-центарот за да го подигне моралот, велејќи дека тоа треба да го симболизира тимот како семејство. Тој нема ништо против и другите во тимот да ги користат неговите методи. Во април, на пример, беше запален оган во тренинг-центарот на клубот пред натпреварот против Спортинг во ЛШ, пишува „Би-би-си“. Г.И.

































