ФУДБАЛ
- Многумина се прашуваат зошто некој задолжен за постигнување голови не поминува повеќе време поблиску до голот, но минатата сезона напаѓачот на Баерн постигна 73 гола, најмногу во неговата кариера, додека играше подлабоко отколку што играл некогаш, пишува „Би-би-си“
Како што напредуваше фудбалската кариера на Хари Кејн, тој заземаше сѐ покомплетна улога, одејќи и да ја собере топката длабоко во својот шеснаесетник. Многумина се прашуваат зошто некој задолжен за постигнување голови не поминува повеќе време поблиску до голот, но минатата сезона напаѓачот на Баерн постигна 73 гола, најмногу во неговата кариера, додека играше подлабоко отколку што играл некогаш, пишува „Би-би-си“.
– Додека навистина не го разберете фудбалот и не разберете за што зборуваме, толку е лесно да се каже „остани напред, ќе постигнеш гол“, но тоа не функционира така – вели Кејн.
Стилот на игра на Кејн го одразува тоа каков е тој како личност, а оние што го познаваат велат дека е сеопфатен и скромен и на теренот и надвор од него, пишува „Би-би-си“. Колку и да е тешка неговата улога со која е присутен на целиот терен, тој ги прифати физичките барања. Во текот на изминатите шест сезони, „СТАТСпортс“, компанија за спортска технологија во која Кејн инвестираше, откри дека неговата помината дистанца, брзото трчање и забрзувањата се зголемија за осум, 22 и за 42 отсто. И со оглед на тоа како се промени тактичкиот пејзаж во тој период, особено е импресивно што Кејн успеа не само да го следи туку и да остане пред него, пишува „Би-би-си“.
– Во текот на претходните пет или шест години, притисокот „еден на еден“ стана поголем. Европскиот фудбал е физички и врвните тимови се обидуваат да ја вратат топката високо на теренот, верувајќи им на своите дефанзивци и на играчите од средниот ред да се бранат „еден на еден“ за да ги добијат своите битки – вели Кејн.
Со оглед на таа промена, најдобрите тимови ангажираа и играчи што можат да го победат својот ривал кога играта станува серија од дуели „еден против еден“. Кејн, кој не е познат по дриблинзи и според неговото признание „не е најбрзиот“, напредуваше по свои услови. Неодамна тренерот на Баерн, Винсен Компани, фрли светлина врз единствената улога на Кејн, објаснувајќи ја како 50 отсто истренираност и 50 отсто Кејн одлучува што да прави.
– Мислам дека е делумно инстинкт, користење на мојот фудбалски мозок и стекнување чувство на теренот. Ако, на пример, сакам да се повлечам и да видам дали централниот дефанзивец навистина сака да ме чува, тој може да дојде до средниот ред, но дали ќе дојде ако отидам до мојот шеснаесетник? По првите пет или 10 минути навистина сфаќате за тоа како ќе игра противникот, што диктира како јас играм – вели Кејн.
Во Баерн постои заедничко разбирање за пристап што им овозможува на соиграчите да ги разберат ротациите што, со голо око, изгледаат како случајни. Кејн, кому му е дадена поголема слобода од повеќето, е во центарот на тоа.
– Чувствувам дека мојата позиција сега е како една од две десетки што работат заедно. Можеме да удвоиме на една страна до преоптоварување, што им создава проблем на противничките централни дефанзивци кого да чуваат. Ако сакаат да ги маркираат и двајцата, мора да одат еден на еден, а потоа тоа остава простор нашите крилни играчи или бекови да се соочат со нив. Тоа е поставување на сите овие прашања на противникот, но, лично, сакам да имам некој близок до мене со кого можам да се поврзам – вели Кејн.
Кејн ја изгради својата репутација играјќи како осамена деветка, па затоа е интересно да се слушне како се идентификува наместо тоа како број десет, во предните два играча, пишува „Би-би-си“.
– Кога си сам број девет, можеш да бидеш чуван од двајца централни бекови и да се мачиш да ја допреш топката. Се потпираш на сите други да те најдат со топката. Со тоа што играм длабоко кога играта се развива, завршувам на позицијата број 10. Можам да шутирам од работ на шеснаесетникот, што е моја голема предност, или да бегам од задниот дел на играчите каде што никој не ме следи – вели Кејн, кој се опиша себеси како играч во улога на број 10, девет и шест понекогаш, пишува „Би-би-си“
Кејн игра за тимот во секоја фаза од играта низ целиот терен, а во исто време произведува извонредни индивидуални бројки, пишува „Би-би-си“. Н.М.

































