Мантрата на условот „или ЕУ или смрт“

Кој за што и кој од што, само Европа ја боли главата за уставните измени во Република Северна Македонија.
Под таква силна главоболка дојде во Скопје претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој на македонските власти строго им соопшти дека усвојувањето на уставните измени останува единствен услов за формално почнување на пристапните преговори. Тоа е единствениот услов за отклучување на вратите кон членството во ЕУ за граѓаните на Северна Македонија. Македонските медиуми освен синтагмата „единствен услов“ ги употребуваа и синонимите „единствен начин“ и „единствен клуч“ за да се постигне напредок кон европската интеграција.
На сите им е познато дека тој актуелен „единствен услов“ е производ на највисоката хиерархија на Европската Унија, заснован на таканаречениот француски предлог прифатен и од властите во Македонија во 2020 година. Централното барање е впишување на бугарската заедница во Уставот. Но тоа е само еден сегмент, уште една несреќна делница од кривулестиот пат на државата кон определбата за евроинтеграција.
Мантрата на „единствениот услов“ ја следи Република Македонија речиси од нејзиното осамостојување. Изречената констатација ја добива својата смисла ако се знае дека во хиндуизмот и будизмот зборот „мантра“ е магична формула што постојано се рецитира. Мантра е нешто што постојано се повторува. Всушност, во основа, е термин што се користи во медитација и при ослободување од душевни потреси. Ние, во случајов, ќе се задржиме само на основната смисла на зборот што има политичка поврзаност со македонските политички состојби.
Значи, од осамостојувањето наваму државата, еве веќе триесет и пет години, е попречувана од меѓународната заедница преку барања за исполнување услови, некогаш помали, некогаш поголеми, дел јавно познати, дел затскриени низ дипломатски формулации. Главно низ уставни измени. Првиот услов беше да не си го употребува самостојно избраното име, иако низ него се испреплетуваа низа други поситни услови. Услов беше да го нема зборот Македонија во државното име. Со тој услов почна маратонот на државата да се доближи до евроатлантските интеграции, кои, еве, до денес не се завршени.
По меѓународна препорака, првите измени на Уставот на Република Македонија се усвоени во 1992 година со донесување на амандманите каде што е кажано децидно дека Република Македонија нема територијални претензии кон соседните држави. Со амандман е дополнет еден член во кој се наведува дека „Републиката нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи“. Тој амандман всушност индиректно го ограничува правото на Македонија да се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и иселениците од Македонија, да се грижи за нивниот културен развој и да ги унапредува врските со нив.

Не и ни чудно што тој амандман во македонскиот устав е внесен по сугестија и барање од властите на Бугарија. Овој амандман тогаш се сметаше за бенигнен, лесно прифатлив и коректен, подавање рака за пријателство со источниот сосед. Но денес може да се заклучи дека бугарската политика имала сосема јасна визија што може да се случува во иднина, за разлика од македонската, која во тие години се покажа неопитна, дури и наивна, вклучувајќи го и претседателот Глигоров, иако го носеше ореолот на „стар лисец“.
Како нов услов за полноправно признавање се постави условот да се смени првобитното знаме. И се смени. Во 1995 година отиде во архивско сеќавање знамето од Вергина и Собранието го изгласа денес официјалното. Тоа беше направено по барање на Грција, а по препорака на меѓународната заедница.
Горенаведените, на изглед мали измени, го покажаа мекиот стомак на малата новоконституирана немоќна држава пред барањата на големите сили. Малите отстапки полека им отвораа врата на поголемите.
Сепак, глобалниот, меѓународен услов, најпрв, најголем, најпроблематичен, државотворно уништувачки насочен, беше условот за промена на името. Од денот на независноста, од Лисабонската декларација, преку приемот во Обединетите нации во 1993 година, сѐ до спогодбата со Грција, прифаќањето ново име беше „единствениот услов“ за прием во НАТО и за почеток на преговорите со Европската Унија, за македонско членство во тие организации.
Ако се прелистаат стари весници, ако се отворат државни дипломатски архиви, ако се преобјават стотици телевизиски емисии, ако се ислушаат голем број интервјуа за сите минати години, јасно ќе се види дека името било единствен услов Македонија да стане членка каде било, во која било меѓународна организација. НАТО и ЕУ на прво место. Дека тој е единствен услов, дека папочната врвка за ист заеднички старт, дека со еден доброволен уставен акт од македонска страна се решаваат двата проблема одеднаш.
Не може да се добројат, камоли да се запаметат, странските политичари, Германци, Французи, Британци, Американци, Чеси, Полјаци, ет цетера, од највисоко до најниско скалило, кои пред очите на македонската јавност изјавувале дека само името е единствен услов. Дека друг услов за влез во НАТО и почеток на преговори со ЕУ нема и не постои. Дека штом се смени името нема да постојат други пречки, нема други услови. Та белки се памти тој фестивал на евроатлантско и западноевропско лицемерство, на отворени лаги и манипулации со граѓаните на Македонија.

Сега по жестоко барање на Бугарија, со арогантна асистенција на Европската Унија и на Советот на Европа, Република Северна Македонија има нов „единствен услов“. Името е минато, никого веќе не го боли глава за неговото заминување во историјата, сега „единствен услов“ се Бугарите во Уставот. Значи, веднаш по промената на името, како единствен услов врз Македонија е накалемен нов „единствен услов“, „единствен начин“, „единствен клуч“ за каков-таков почеток на преговори за некогашно членство во ЕУ. Да се запишат Бугарите во Уставот.
Кој може да им верува на овие светски трговци што со лаги и ветувања лека-полека ја убиваат надежта на Македонците дека во Европа владеат правда, рамнотежа, исти стандарди, свест и разбирање за малите народи.
Посетата на Кошта, во основа добредојдена, ја потврдува заинтересираноста на ЕУ за македонските проевропски настојувања и барање решенија како да се откочи застанатиот процес. Но неговите официјални изјави не се понуда за дијалог, предлог за разбирање, подадена рака за пријателство, европска помош за решавање на проблемот што го имаат Македонците. Неговото ултимативно барање не личи на европски принцип. Непримерно е висок дипломат пред македонските граѓани да извикува „или ЕУ или смрт“. Таа мантра, тоа постојано повторување, таа демонстрација на насилство тешко ќе ги отвори вратите кај народот што во мнозинство не прифаќа да биде распнат, што не сака да му бидат загрозени идентитетот, јазикот и писмото. Иднината, со еден збор.