Државниот завод за статистика (ДЗС) со извештај за пазарот на трудот во првиот квартал од 2026 година
- Иако бројките покажуваат стабилна активност на пазарот на трудот, податоците од Државниот завод за статистика (ДЗС) укажуваат на недостиг во трудоинтензивните услуги и истовремено ниска мобилност во јавниот и енергетскиот сектор. Ова е многу добар показател за ефикасноста на натамошните активности од овој домен, односно дека предизвикот не е само во отворањето нови работни места туку и во нивното пополнување со соодветно квалификувана работна сила, односно уште погенерален приод кон планирање и менаџирање со човечки ресурси, образование, преквалификација и други политики на различни нивоа на системски и интегрален приод
Според најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) , во првиот квартал од годината на домашниот пазар на трудот се евидентирани 10.247 слободни работни места, што одговара на стапка од 2,07 проценти.
Оваа бројка на прв поглед укажува на активен пазар на трудот, но подеталната анализа открива изразени структурни разлики меѓу секторите и регионите, кои сè појасно ја покажуваат хроничната неусогласеност меѓу вештините на работната сила и потребите на економијата.
Услугите и туризмот како главни „жаришта на недостиг“
Највисока концентрација на слободни работни места се забележува во секторот за сместување и послужување храна, каде што речиси секое 20-то работно место е слободно, односно стапка од 4,94 проценти. Овој сектор традиционално се соочува со недостиг од работна сила, кој дополнително се интензивира во периодите на туристичка и сезонска активност. Работните услови, високата флуктуација и сезоналноста се меѓу клучните фактори што придонесуваат за ваквата состојба.
Високи стапки се забележуваат и во административните и помошните услужни дејности (4,8 отсто), како и во уметноста, спортот и рекреацијата (2,91 отсто). Транспортот и складирањето бележат 2,78 отсто, додека трговијата 2,67 отсто.
Овие податоци ја потврдуваат тенденцијата дека услужниот сектор останува најдинамичен, но и најранлив во однос на човечки ресурси.
Индустријата и трговијата се апсолутно најголеми работодавци
Иако угостителството има највисока стапка на слободни работни места, во апсолутни бројки водат други сектори. На пример, трговијата на големо и мало регистрира 2.067 слободни позиции, додека преработувачката индустрија има 2.174. Значаен број отворени работни места има и во административни услуги (1.200), потоа категоријата сместување и послужување храна (1.023), па во транспорт (757), во градежништво (639) итн.
Овие податоци укажуваат дека индустриската и трговската основа на економијата и натаму се најголеми апсорбери на работна сила, и покрај структурните промени кон услужните дејности.
Енергетиката и јавниот сектор со минимална побарувачка
На спротивниот крај од скалата се наоѓа енергетскиот сектор, каде што стапката на слободни работни места изнесува само 0,15 проценти.
Второ, јавната управа исто така бележи ниско ниво од 0,30 проценти, што укажува на ограничена кадровска ротација и стабилни работни позиции.
Овие податоци ја рефлектираат затворената природа на овие системи, каде што вработувањата најчесто се врзани за долгорочно планирање и институционални ограничувања.
Малите и средните компании се генераторот на новите вработувања
Анализата според големината на деловните субјекти покажува дека највисока стапка на слободни работни места има кај фирмите со 10 до 49 вработени – 3,05 проценти. Овој сегмент се издвојува како најфлексибилен и најактивен во процесот на вработување, што дополнително ја потврдува улогата на малите и средните бизниси како клучен двигател на пазарот на трудот.
Регионални разлики: Вардарскиот Регион на врвот
Од регионален аспект, Вардарскиот Регион бележи највисока стапка на слободни работни места – 2,28 проценти. Ова го позиционира регионот како најдинамичен во однос на побарувачката за работна сила, што може да биде поврзано со индустриската активност, логистиката и близината до клучни транспортни коридори.
Структурниот дисбаланс како долгорочен предизвик
Иако бројките покажуваат стабилна активност на пазарот на трудот, податоците од Државниот завод за статистика укажуваат на јасен структурен дисбаланс, односно недостиг во трудоинтензивните услуги и истовремено ниска мобилност во јавниот и енергетскиот сектор. Во такви услови, предизвикот не е само во отворањето нови работни места туку и во нивното пополнување со соодветно квалификувана работна сила.
Пазарот на трудот, според најновите показатели, останува динамичен, но и сè поизразено сегментиран – со јасни „жаришта“ на недостиг и стабилни, но затворени сектори. Е.Р.

































