Заврши АКТО
Фестивалот АКТО, по 20 изданија прераснува во платформа за современа уметност и едукација, но, сепак, ги задржува формата и името на фестивал. Ја слави и ја раскажува својата програма преку претставување на продукциите и истражувачките и работните процеси, кои ги спроведува во текот на целата година. Како на пример, преку истражување на актуелните теми, заборавените простори на културното наследство, продукцијата на новите дела со интернационални гости, но и силна едукативна компонента, која создава место за размена и заедничко создавање, и тоа во соработка со официјални образовни институции. Со 20-то по ред издание насловено „Како се прави?“ започна нова фаза, која ќе поставува поинакви иднини пред себе.
– АКТО е еден процес на константна трансформација, просторно-временски дијаграм, простор за поминување време заедно! АКТО на некој начин е многу поблиску до животот отколку до уметноста. И тоа е често опасно, непредвидливо, како за тие што го правиме така и за тие што треба да го гледаат и во него да учествуваат. Но тука е и радоста, не во среќните или тешките моменти, туку во содржината на тој животен па наречен АКТО. Која претенциозност, ко да се врти светот околу АКТО! А светот не може да се врти веќе на истиот начин, нема центар веќе, затоа што нема ниту периферија, сè е центар на светот. А кој е нашиот центар на светот? Тоа е можеби наједноставното прашање на светот: Киното во железничката зграда – велат организаторите.
Киното во железничката зграда е една мала заедница, која практикува современ аскетизам.
– Така некако ја гледаме заедницата што ја градиме околу киното на железничката зграда, концентрирана, посветена, некомерцијална, но сериозна и политички артикулирана. Таа наша заедница и не е мала, туку е составена од студенти, млади уметници, архитекти и активисти, интернационални и локални експерти и институции, локални граѓани, жители, кои веруваат или имаат потреба да се спротивстават на комерцијалната логика. Цврста мала заедница во политичка борба за одбрана на јавното. Во таа насока во рамките на годинашното издание на АКТО, просторот на киното во железничката зграда продолжува да биде многу важна точка, центарот на светот. Како лик/простор што зборува сам по себе, киното во рамките на програмата е нашата сцена (театарска) кутија, почетна точка од која го истражуваме градот и повторно симболично се враќаме на театарот, на изведбата, на филмската слика. Киното е нашата лабораторија за истражување на изведувањето на градот – велат организаторите.
Во рамките на фестивалот се одржа перформативен радиоесеј „Железничарот на крајот на светот“ на Филип Јовановски. Ова е имерзивно патување низ последните 130 години од историја на светот (1896-2026), во кои, работничките и синдикални борби на железничарите се испреплетуваат со некои од највозбудливите проблесоци на уметноста на 20 век, но и со тивкиот подем, повремениот пад и постојаната закана од фашизмот. Беше организирана лабораторија за перформативно-просторни практики „Градот како сцена“. Фокусот на работа во оваа работилница ќе биде во насока на тестирање и развој на моделот на користење на киното во железничката зграда. Јавно предавање имаше Радивоје Динуловиќ (Нови Сад) за променливите парадигми на сценографската архитектура, урбаните средини и политичкиот отпор низ богатата и бурна призма на театарската, општествената и политичката историја на Белград. Беше отворена изложба и имаше доделување на наградата „Денес“ за млад визуелен уметник. Фестивалот заврши со настанот „Бистро на еден ден“, еден од серијата јавни настани/интервенции во јавен простор развиени во рамките на едукативната платформа „Градот како сцена: Изведување на јавниот простор“.
































