Фото: Маја Јаневска-Илиева

Дипломатските принципи и македонската реалност

  • Пораките на францускиот амбасадор Ле Риголер за престанок на манипулациите со минатото отвораат фундаментални дилеми околу тоа дали ЕУ навистина го деполитизираше историскиот спор меѓу Скопје и Софија или само му даде европска институционална тежина. Ако Европа официјално прифаќа дека историските интерпретации можат и треба да бидат различни, зошто тогаш една специфична национална интерпретација на соседна земја членка стана директен услов за политичкиот напредок на Македонија кон Брисел

И покрај сѐ погласните пораки од Брисел дека Европа мора конечно да ја деполитизира историјата и да ја ослободи иднината од националистичките наративи од минатото, реалноста на македонскиот евроинтегративен пат го покажа токму спротивното. Имено, наместо да се направи дистинкција меѓу науката и политиката, Европската Унија ги претвори историските прашања, интерпретациите и добрососедските спорови во формален услов вметнат директно во нашата преговарачка рамка. Со тоа се создаде парадокс во кој Европа од една страна бара тргање на историјата настрана, додека од друга страна го услови напредокот на земјава со прифаќање конкретни историски толкувања.
Токму неодамнешната порака на францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер потсетува на фундаменталните вредности врз кои е изградена современа Европа.
– Јас би сакал Европа каде што ќе престанеме да манипулираме со историјата, каде што ќе прифатиме дека историјата е реалност, затоа што постојат факти дека настаните се случиле… Но тоа различно толкување не треба да ги храни политичките и националистичките наративи – рече Ле Риголер во интервју за телевизијата Телма.
Несомнено овие зборови на францускиот амбасадор звучат визионерски и европски имајќи го предвид фактот дека Европа навистина скапо ја плати цената на национализмот и територијалните судири во минатиот век, па оттука логична е и желбата никогаш повеќе да не се повтори тоа.
Сепак, сето ова убаво звучи кога дипломатите го кажуваат, но очигледно не соодветствува со актуелниот македонски контекст. Македонија се соочува со блокади токму поради историските наративи на некои земји членки, кои и натаму се повикуваат исклучиво на своето историско видување како едно и вистинито, без право на нечие поинакво толкување на историјата. Оттука се наметнува дилемата дали Европа навистина сака историјата да биде раздвоена од политиката или тоа правило важи само додека не се судри со интересите на некоја земја членка?

Кога интерпретацијата на соседот станува европски услов

Амбасадорот Ле Риголер прави јасна и точно дефинирана разлика, ставајќи ги фактите на една страна, а нивните интерпретации на друга. Тој нагласува дека различното толкување на историските настани е сосема разбирливо и нормално, но очигледно кога станува збор за македонскиот случај, работите не стојат токму така.
Ако Европа официјално прифаќа дека историските интерпретации можат и треба да бидат различни, тогаш зошто една специфична национална интерпретација на соседна земја членка стана директен услов за политичкиот напредок на Македонија кон ЕУ? Во моментот тоа го прави Бугарија, но дека ниту Грција не завршила со притисоците покажува и реакцијата на пратеници во грчкиот парламент, кои побараа интервенција во македонските учебници по историја со барање тие да бидат коригирани во согласност со грчкиот историски наратив, односно во нив да не пишува дека земјава била поробувана и дека треба да го нарекуваме Александар Велики, а не Македонски.
Нема никаков сомнеж дека процесот на зачленување на Македонија во ЕУ доби сосема нова, досега невидена димензија во која прашањата за историјата, историското толкување и идентитетските аспекти станаа дел од формалното условување. Клучното прашање што се наметнува е дали ЕУ во 2022 година реши искрено да го деполитизира историскиот спор или, пак, едноставно го префрли од билатералната маса директно во европската преговарачка процедура.
Едно е Брисел да бара од Македонија и Бугарија да ги почитуваат утврдените научни факти, да соработуваат околу изворите и да престанат да го користат минатото за дневнополитички конфликти, но сосема друго е кога македонскиот напредок кон ЕУ зависи од тоа дали таа ќе се согласи со толкувањето на историјата што го диктира нејзиниот сосед.

Историјата како политичко оружје за уцена

Во разговор со дел од домашните експерти во делот на евроинтеграциите ни беше посочено дека историјата мора да биде оставена за научните кругови наместо да се користи како оружје за уцена на земјите кандидатки.
– Кога историското толкување ќе стане формален услов за интеграција, тогаш самата ЕУ, можеби и ненамерно, ја претвора историјата во моќен политички инструмент. Наместо да ги намалува националистичките наративи, европскиот механизам даде легитимитет националното толкување на една држава членка да стане релевантно за судбината на друга земја. Со тоа, класичниот принцип на добрососедство постепено се трансформира во нешто многу покомпликувано и пооптоварувачко. Македонија веќе помина низ долг и болен спор со Грција околу името и античкото наследство, а се чини дека ниту тоа не е завршено гледајќи ги последните случувања кај јужниот сосед. Тоа сега поинтензивно го прави Бугарија атакувајќи врз македонската историја, јазик и идентитет – велат соговорниците.
Според нив, ова отвора и поширока филозофска дилема за функционирањето на Унијата.
– Историјата не е математичка формула и нормално е историчарите да имаат спротивставени ставови. Но кога политичарите ќе пресечат дека едно конкретно толкување е услов за иднината, тогаш веќе не зборуваме за наука, туку за чист политички диктат. Кој во Брисел има право да одреди кога едно историско толкување е „европски прифатливо“ и дали европската интеграција треба да бара политичка согласност за минатото или, пак, усогласување околу заедничките принципи, вредности и стандарди за иднината? Несомнено е позитивно тоа што амбасадорот Риголер и другите дипломати денес гласно зборуваат против политизацијата на историјата. Но спорната точка останува во прашањето дали истиот тој принцип беше применет и кога Франција посредуваше во создавањето на компромисот во 2022 година, кога францускиот претседател го опиша ангажманот како обид да се отвори европската перспектива – појаснуваат соговорниците.
На крајот, дилемата што се наметнува е со кое право Европа бара од Македонија да го заборави и да го надмине национализмот, додека истовремено дозволува поединечните национални спорови на своите членки да станат официјална европска политика.