Фото: „Нова Македонија“

Преспанскиот договор го затвори прашањето за Античка Македонија во полза на Грција и го отвори патот на Бугарија за присвојување на средниот век

  • Договорот меѓу Грција и Бугарија за останките што му се припишуваат на цар Самуил е најсилниот аргумент дека Преспанскиот договор не го затворил историското прашање, туку присвојувајќи еден дел – антиката за Атина – го префрлил тежиштето за ревизија и историско ретуширање на средниот век, овој пат во полза на Софија. Откако со Преспа беше дефинирана грчката позиција во однос на Античка Македонија, денес вниманието се насочува кон средновековното наследство. Токму затоа случајот со Самуил не е изолиран настан, туку показател дека празнините
    и недореченостите оставени по Преспанскиот договор сѐ повеќе се манифестираат преку нови спорови и нови толкувања на историјата, велат нашите соговорници, универзитетски професори, политички аналитичари и консултирани дипломати

Кога во 2018 година беше потпишан Преспанскиот договор, официјалното образложение беше дека станува збор за историски компромис со кој се затвора долгогодишниот спор за името и се отвора патот кон евроатлантските интеграции. Осум години подоцна, дел од аналитичарите предупредуваат дека договорот не претставувал крај на процесот, туку почеток на нова фаза во која тежиштето се префрла од античката кон средновековната историја. Според соговорници на нашиот медиум, Грција во изминатите децении покажала јасна и долгорочна стратегија во однос на македонското историско прашање. Преку Преспанскиот договор, велат тие, Атина успеала да добие меѓународна потврда дека Античка Македонија и античкото македонско наследство се дел од грчката историска традиција, додека прашањата поврзани со средниот век останале отворени.
– Во Македонија долго време се создаваше впечаток дека Преспанскиот договор ги затворил идентитетските прашања. Но ако се погледнат внимателно процесите што следуваа потоа, станува јасно дека историскиот спор само премина на друго поле. Антиката беше затворена, но средниот век остана отворен за нови интерпретации и притисоци – вели поранешен дипломат запознаен со преговорите.
Во центарот на вниманието денес сѐ повеќе се наоѓаат цар Самуил и наследството на неговата држава, кое во изминатите години се претвора во едно од најчувствителните историски и идентитетски прашања во регионот. Последните договори и иницијативи меѓу Грција и Бугарија, како и прашањето за останките што му се припишуваат на Самуил, кај дел од македонската јавност предизвикуваат сериозна загриженост. За многумина, овие случувања не се изолирани историски или културни настани, туку дел од поширок процес на редефинирање, ревизија и ретуширање на средновековното наследство на Македонија. Аналитичарите предупредуваат дека токму новиот договор меѓу Атина и Софија се доживува како потврда на сето ова.
– На прв поглед ова може да биде толкувано како слабост и недоречености што останаа по Преспанскиот договор. Напротив. Тоа не е така. Искуството на Атина и нејзината спрега со Софија во однос на македонското прашање, кои траат со децении, придонесоа Преспанскиот договор да биде само вовед во целосната ревизија на историјата, која ги опфаќа Македонците, македонските личности и настаните од антиката, преку средниот век, па сè до современата историја. Со Преспанскиот договор, Атина ја ревидира македонската античка историја и со длабока умисла остава простор во блиска иднина Софија со друг меѓународен договор со Македонија да ја ревидира македонската средновековна историја, каде што Софија и Брисел ќе го имаат политичкиот лост за ултиматум и уцени за Скопје. Според нив, откако со Преспа беше затворена расправата околу антиката и беше дефиниран односот кон античкото македонско наследство, вниманието постепено се префрла кон средниот век и кон личностите и настаните што претставуваат клучен дел од македонскиот историски континуитет. Оттука, случајот со Самуил за дел од јавноста се гледа не само како прашање на историска интерпретација туку и како показател дека историските спорови не завршиле со Преспанскиот договор, туку добиле нова содржина и нова димензија.

– Најголемата грешка е да се влезе во расправа дали станува збор за автентични мошти или не. Тоа е споредно прашање. Суштината е во самиот чин. Ако Грција денес ѝ ги предава на Бугарија останките на личност што има огромно место во историјата на Македонија, тогаш со тоа испраќа јасна политичка порака за тоа кому му припаѓа средновековното наследство – вели историчар што побара анонимност.
Според него, токму во ова се гледа континуитетот на грчката политика. Грција никогаш не прифатила постоење на посебна македонска историска традиција ниту во стариот, па ниту во средниот век. Во нивната историографија современата македонска нација е појава од втората половина на 20 век. Така, Античка Македонија е дефинирана како грчка, а Самуиловото наследство се третира како бугарско… Тогаш останува прашањето каде е местото на македонскиот историски континуитет кога со аргументите на бруталната сила и притисок најбезобѕирно ни ја крадат вистината и историографијата?!, вели соговорникот.
Друг аналитичар смета дека токму тука лежи најголемиот проблем за македонските национални интереси. Преспанскиот договор беше претставен како „компромис во кој Македонија се откажува од античкото наследство, но ги зачувува јазикот и идентитетот“… Меѓутоа, никој сериозно не го отвори прашањето што ќе се случува со средновековниот период и со личностите што претставуваат клучна алка во историскиот развој на македонскиот народ. Денес гледаме дека токму тој простор станува главно поле на нови спорови, нови политички интерпретации и нови обиди за редефинирање на историското наследство. Последните случувања околу царот Самуил, како и соработката меѓу Атина и Софија во оваа сфера, покажуваат дека прашањата што останаа надвор од рамката на Преспанскиот договор сега се актуализираат, со тоа што палката на „штафетата на ревизијата“ ѝ беше предадена на Софија.
Ревизионистичките и деноминаторските тенденции кон Македонија не исчезнале, туку постепено излегуваат во преден план, од друг европски центар на моќ.
Ако антиката се смета за затворена и дефинирана како дел од грчкото наследство, а средновековниот период сѐ повеќе се претставува како бугарски историски простор, тогаш логично се поставува прашањето каде останува местото за македонскиот историски континуитет. Во таква ситуација, на Македонија ѝ се остава исклучиво современиот период како основа за сопствениот национален наратив, што би значело сериозно стеснување на историската вертикала на нацијата. Затоа, според соговорникот, прашањето за Самуил не треба да се гледа како изолирана историска полемика, туку како дел од поширок процес во кој се оспоруваат и преобликуваат темелните точки на македонската историска меморија и национален континуитет, оценува соговорникот.
Поранешен функционер во културниот сектор оди чекор понатаму и предупредува дека станува збор за координиран процес.

– Грција и Бугарија имаат различни позиции по многу прашања, но кога станува збор за македонската историја, се забележува извесна комплементарност. Едната страна ја затвора античката епоха, другата го присвојува средниот век. Од македонска перспектива, резултатот е ист: постепено стеснување на просторот за самостојно толкување на сопствената историја – вели тој.
Соговорниците се согласни дека Македонија нема развиено јасна државна стратегија за заштита на историското наследство на меѓународен план.
– Проблемот е што Атина размислува стратешки и со децении однапред, додека Скопје најчесто реагира на веќе завршени процеси. Прашањето со Самуил не е изолиран случај. Тоа е дел од поширока слика во која историјата постепено се претвора во инструмент на современата политика – оценува еден од соговорниците.
За дел од аналитичарите, токму затоа расправата околу Самуил е многу повеќе од академска дебата или спор меѓу историчари за толкувањето на одредени настани од минатото. Таа, според нив, претставува тест за тоа дали Македонија има капацитет да ги брани сопствените историски позиции во време кога соседните држави настапуваат со јасно дефинирани национални стратегии, долгорочни цели и координирани активности на политички, дипломатски и научен план. Прашањето за Самуил, велат тие, не се сведува само на една историска личност, туку се однесува на поширокото прашање за правото на еден народ да го толкува и да го афирмира сопственото историско наследство.
Според нивните оценки, современите меѓудржавни односи сѐ почесто покажуваат дека историјата не е само прашање на минатото туку и инструмент преку кој се обликуваат политичките позиции во сегашноста и се поставуваат рамки за иднината. Токму затоа, случајот со Самуил добива симболично значење што ги надминува границите на науката и академските расправи. За дел од јавноста, начинот на кој ќе биде третирано ова прашање ќе покаже дали Македонија поседува доволно институционален, научен и дипломатски капацитет да ги застапува своите аргументи на меѓународната сцена или ќе продолжи да реагира на процеси што веќе се креирани надвор од нејзините граници.
– Прашањето за Самуил денес е прашање за историската самодоверба на државата. Ако една земја не успее да ги артикулира и да ги заштити сопствените позиции за клучните личности и периоди од својата историја, тогаш ризикува постепено да го загуби правото самата да го дефинира сопствениот историски наратив. Затоа ова не е само расправа за минатото туку и расправа за иднината на македонскиот историски и национален идентитет – оценуваат соговорниците. Д.Ст.