Фото: ЕПА

Железничката инфраструктура нападната, безбедна ли е Европа?

  • По серијата напади на железничката мрежа од Шпанија, Франција, Холандија, Полска и последно во Германија, алармот повторно се
    активира, како и прашањата – кој стои зад тие напади и безбедна ли е ЕУ (Европа). Во ваква атмосфера, како голема енигма се појавува
    Германија со нејзината АфД и односот кон Русија. Но, за чудо, АфД размислува како некогаш Хелмут Кол
  • Во оваа потрага на ЕУ по новиот идентитет, што е практично влегување во тунел, Македонија не смее да дозволи да биде колатерална штета на тој процес

Пред само неколку дена во Германија се случи уште еден чин на „вандализам“ – непознати лица ги оштетиле каблите на железничката пруга во близината на Гелзенкирхен. И тоа не беше само вест регистрирана во билтените како некоја мала работа или нечиј вообичаен бизнис. Не. Се вклучи алармот и се јавија сите центри за да кажат кој би можел да стои зад тој „напад“ на еден од симболите на германската моќ – железницата. Врз „Дојче бан“! Прашањето има европска димензија затоа што Германија не е изолиран случај каде што е извршена диверзија, туку се регистрирани во сите моќни европски економии. Но, да потсетиме, не беше поштедена ниту Македонија, и тоа токму годинава. Овие напади или дејства на добро организирани мафии, екстремистички групи или на групи со исламистичка заднина, на крајот го поставуваат прашањето за безбедноста на инфраструктурата и способноста на системите да реагираат навреме. Тоа е едната страна, а втората влегува во доменот на шпекулациите, пропагандите и теориите за хибриден начин на војување против „европските вредности“.

Падот на еден хибриден мит

Дали Европа е добро заштитена? Дали нејзините граѓани се безбедни, дали рендгенската снимка на Европа гарантира здрав систем?
Во септември 2022 година се случи една од најголемите диверзии во поновата европска историја кога непознати напаѓачи уништија три од четирите цевки на гасоводот Северен тек, кој од Русија преку Балтичко Море ја снабдуваа Германија со гас. Во стрваотни експлозии на ТНТ, кои предизвикале потрес од 2,3 степени по Рихтер и кога се ослободени рекордни 500 илјади метрички тони метан, веднаш се најде виновникот – Русија. Денес гледаме дека тоа не било дело на Русите, тие не играле руски рулет со една важна енергетска артерија, па дури и нивна, туку дека е дело на организирана група од Украина. Двајца од таа група беа фатени, едниот во Италија, другиот во Хрватска, и ќе им се суди. Еден хибриден мит падна во вода заедно со скапата подводна гасоводна инфраструктура. Но штетите од таа диверзија се далекосежни и во пари и во доверба, многу важна за мирот на континентот.

Атака врз „Дојче бан“

Што се случило во Гелзенкирхен? Властите велат дека во акт на вандали во раните утрински часови се оштетени кабли, а со тоа и сигнализацијата, па тој ден биле сериозно нарушени регионалниот и дел од меѓународниот железнички сообраќај. Сепак, ова не е прв случај да биде нападната железничката инфраструктура во Германија, при што не само што се пресечени каблите туку и дел од нив се однесени. Таков голем напад беше извршен во 2022 година тогаш на северот на земјата. Иако на прв поглед се чини дека станува збор за крадење кабли заради бакарот, Германија ги вклучила во акција антитерористичките единици. Министерот за транспорт Фолкер Визинг на прес-конференција по случувањата во Гелзенкирхен изјави: „Јасно е дека станува збор за намерна акција“.
Додека чекаме одговори на германските разузнавачи, да потсетиме дека на почетокот на годинава, на 8 јануари, во Андалузија, југот на Шпанија, брзата железница била во застој откако биле прекинати каблите меѓу станиците Гвадахоз и Кордоба. Официјално – крадци го сториле тој акт. По серијата вакви сериозни инциденти низ Европа се огласуваат и НАТО и Европската Унија, кои ја истакнуваат потребата од заштита на инфраструктурата.
Холандија, 16 септември 2026. Холандската полиција е на терен и истражува по сторителите на актот на саботажа на железницата, која предизвикала сериозен застој во централните и северните делови на земјата. Некој намерно поставил пречки на пругата, а од надлежните за тој дел на пругата изјавија дека „материјали се пронајдени на неколку места на пругата, кои биле намерно поставени“. Инцидентот се случил на денот кога парламентот заседавал и кога владата го претставувал буџетот за наредната година.
За виновни веднаш беа прогласени Одбранбените сили на фармерите, но тие негираа какво било учество во такво нешто. Холандската железница беше сериозно нападната и лани за време на самитот на НАТО во Хаг, за што и денес се тврди дека е „сомнеж за саботажа“.

Саботери на Зимските олимписки игри

Иако има уште многу вакви инциденти, ќе го наведеме уште тој за време на Зимските олимписки игри во Италија, кога во февруари годинава саботери ја оштетија пругата во близината на Болоња. И тоа токму на отворањето на Игрите, а диверзијата потсети на таа од 2024 година на отворањето на Летните олимписки игри во Париз, кога беше нападната линијата на брзата железница Те-же-ве.
Овие диверзии, кои потсетуваат на сцени од филмот за војните, имаат големо значење и во практична и во психолошка смисла, затоа што развиените делови на Европа секојдневно патуваат на работа и до домот со железница. Тоа се милиони луѓе, а кога ќе им се прекине таа комуникација тие се парализирани и под голем стрес. Кој го сака тоа? На дневна основа ние денес во Европа добиваме вакви информации како и тие дека се краде бакар и од покриви на цркви, дека се палат кабли за да се дојде до бакар, дека се шверцува отпад што се пали и на Балканот за да се избришат трагите, дека има сериозни проблеми со имигранти. Дека се тепаат контролори по европските возови, нешто што е незапаметено во една Германија или Холандија. Сликата на Европа брзо и на лошо се менува. Голем стрес и уште поголем тест за Европа.

Кои се виновниците?

Информациите достапни на интернет посочуваат дека нема некоја група што би можела да се посочи за одговорна за овие напади на железничката инфраструктура. Полска на пример прстот го насочува кон Русија и нејзината хибридна војна. Премиерот Доналд Туск нагласува дека Русија е зад тие напади (и во Полска имаше напади на железничка инфраструктура), а наводни извршители се Украинци што работат за руски интереси?!
Втори на списокот се активисти на радикалната левица. Меѓу нив на прво место се истакнува групата „Командоси на гневните птици“, радикалните екологисти што се противат на индустриската револуција, која презела дел од диверзиите. Во Италија одговорноста ја презеле група анархисти како одговор на владините безбедносни закони. Во Холандија како виновници се посочуваат фармерите што протестираат на владините еколошки мерки, иако претставниците на фармерите демантираат нивна вина.
Во овој пресек на субверзивни дејства низ Европа влеговме генерално низ призмата на железницата како една од клучните инфраструктурни линии на континентот. Железницата која сега се подготвува и за евентуална војна против Русија. Да, да, добро читате. Но ги има на сите нивоа во општествата. Проблемите се таложат со децении, а денес главниот предизвик е огромната и напната идеолошка разлика меѓу неолибералите и нивното разбирање за европската архитектура и суверенистите од друга страна, кои земаат залет и веќе се сериозен фактор во креирањето на политиките. Една од нив, и тоа суштинска, е политиката кон нелегалната имиграција. А најголемата енигма денес за Европа е АфД, крајната десница на Германија, која се залага за затоплување на односите со Русија и повторно енергетско поврзување. Но ова е и навраќање на политиката и резонот на Хелмут Кол, веројатно најмоќниот канцелар во модерна Германија, кој беше на истите ставови во однос на Русија како и денешна Алтернатива за Германија. И овој наш пресек од диверзии на пругите ќе го наречеме влез во тунелот или во лавиринтот на европската дилема во трагањето по својот нов идентитет. За нас, за Македонија е најбитно да не биде колатерална жртва во таа потрага, затоа што не се знае кој во тунелот ќе ја повлече рачната. Гледаме дека безбедносно Европа на чело со Брисел, а во заднина со Лондон, е колеблива и несигурна. Исто како и со новиот механизам за проширување.