Зошто токму Македонија беше најголемата колатерална штета на НАТО-бомбардирањето врз СР Југославија во 1999 година? Благодарение на Џејми Шеј, гласноговорникот на НАТО, кој во тие три месеци ги доживеа своите „пет минути историска слава“, Балканот научи дека изгубените човечки животи, разрушените градови и уништените судбини можат да се спакуваат во една безлична бирократска кованица „колатерална штета“. Тоа што во стварноста беа човечки, семејни и национални трагедии, во јазикот на НАТО стана спореден, но сепак малку непријатен трошок на инаку успешна воена операција. Но најголемата колатерална штета од бомбардирањето не се наоѓаше ниту во Србија, ниту во Косово туку во Македонија. Земјата не беше цел на бомбите на НАТО. Нејзината физичка инфраструктура остана недопрена. Малкуте преостанати фабрики од пустошот на приватизацијата не беа разрушени. За среќа, интервенцијата не однесе ниту цивилни, а ни воени жртви на македонско тло. Сепак, трите месеци НАТО-бомбардирање на СР Југославија го поништија најголемиот дел од дотогашниот учинок во градењето меѓуетничка доверба во демократска Македонија, сериозно ја разнишаа внатрешната кохезија на општеството и го поплочија патот кон кризата од 2001 година. Македонија повторно се најде како фуснота во големите балкански пресметки, но овој пат во форма на „колатерална штета“, секако непланирана, непријатна и искрено непосакувана, но во крајна линија сепак сосема прифатлива во очите на големите сили.
Македонија стана колатерална штета уште при самото дипломатско планирање на НАТО-бомбардирањето. На северната и западната граница на Македонија беше присутна мала, но многу потребна мисија на Обединетите нации, наречена УНПРЕДЕП, која беше прва превентивна операција во историјата на светската организација. Оценета како еден од најуспешните потфати за заштита на мирот и спречување на прелевањето на кризите, УНПРЕДЕП веројатно настрада за да се спречи присуство на „непријатни сведоци“ на теренот доколку дојдеше до потреба од најдиректна копнена инвазија на НАТО кон Косово. Среда наутро, на 27 јануари 1999 година, граѓаните на Македонија се разбудија со снимки од Тајпеј каде што било потпишано воспоставување дипломатски односи помеѓу Македонија и Тајван (службено Република Кина) „под уставното име“. Тешко е да се оцени дали попогоден од овој непромислен потег беше претседателот Киро Глигоров или кинеската амбасадорка Сју Јуехе. Кина ги прекина дипломатски односи со земјата и стави вето на продолжувањето на мисијата на УНПРЕДЕП. Така, баш во моментот кога зовриваше балканскиот котел за уште една војна, Македонија остана без единствената глобална заштита, но НАТО имаше чиста ситуација на северната граница на земјата за подготовка на интервенцијата што следуваше.
Формално, приказната изгледа едноставна. Македонија го призна Тајван, Кина возврати со вето, а УНПРЕДЕП замина дома во навидум неповрзан и непланиран редослед на настаните. Но како и многу други балкански приказни, и оваа остава повеќе дилеми отколку одговори. Повлекувањето на единствената мировна мисија на Обединетите нации од Македонија необично се совпадна со забрзаните подготовки за косовската интервенција. Оттука и сомнежот што опстојува до ден-денес: дали УНПРЕДЕП беше жртва само на македонската дипломатска непромисленост и првата вистинска надворешнополитичка авантура на младата држава или, пак, беше жртвуван во рамките на една многу поширока геополитичка пресметка околу Косово?
Додека во политичко Скопје вриеше дебатата околу признавањето на Тајван, веќе течеа последните обиди косовската криза да добие мирна разврска. Денес вниманието најчесто е насочено кон пропаста на преговорите во францускиот дворец „Рамбује“, но суштинското несогласување не беше околу ширината на автономијата за Косово. Главниот судир се водеше околу улогата, опфатот и мандатот на НАТО во покраината. Србите тврдеа дека предложениот воен анекс претставувал ултиматум полош и од барањата содржани во австроунгарскиот Јулски ултиматум од 1914 година. Од другата страна, косовските Албанци исто така не беа задоволни од понуденото решение, а УЧК дури се закануваше со напуштање на преговорите. Сепак, умереното раководство во Приштина правилно процени дека потписот на косовската делегација е неопходен за да се обезбеди политичка легитимација на воената интервенција што стануваше сѐ поверојатна.
Еден ден кога историчарите ќе ги бараат корените на денешната конфронтација помеѓу Русија и Западот, веројатно ќе се навратат токму на Рамбује. Токму таму Русија за првпат отстапи од дотогашниот консензус во Контакт-групата и одби да застане зад воениот анекс на предложениот договор, јасно покажувајќи дека руско-западниот консензус од времето по падот на Берлинскиот ѕид почнува сериозно да се распаѓа. Русија и претходно знаеше по малку да исчекори од западниот строј, како при признавањето на Македонија под нејзиното уставно име во август 1992 година, кога стана првата постојана членка на Советот за безбедност на ООН што го направи тој чекор. Но дури и тогаш Москва се врати во рамките на западниот консензус и почека со воспоставувањето дипломатски односи до компромисот околу приемот на Македонија во ООН во 1993 година. Македонија и тогаш се најде помеѓу фуснотите на геополитиката.
Последниот чин на дипломатската драма се одигра на 22 март 1999 година во Белград. По пропаста на преговорите во Рамбује, американскиот дипломат Ричард Холбрук отпатува кај Слободан Милошевиќ во уште еден обид да ја одложи, а можеби и да ја спречи војната. Тоа повеќе не беше преговарање во вистинска смисла на зборот. Холбрук носеше порака, а не понуда. Милошевиќ се соочуваше со избор што Западот го претставуваше како едноставен: прифаќање на договорот од Рамбује и присуството на НАТО во Косово, со право непречено да се движи и да дејствува низ територијата на СР Југославија или воена интервенција на Алијансата. Исходот беше речиси однапред познат. Сведоците на нивната последна средба раскажуваат дека при разделбата Холбрук го запрашал југословенскиот претседател дали разбира што значи неговото заминување од Белград без договор. Во својот препознатлив стил, Милошевиќ само одмавнал со раката и кусо одговорил: „Да, да, ќе нѐ бомбардирате“.
Два дена подоцна, на 24 март 1999 година, речиси шест децении по неславниот 6 април 1941 година, Белград повторно беше бомбардиран. Овој несреќен град во 20 век ги доживеа австроунгарските, германските, британските, американските и советските бомби, за на крајот да дојде ред и на НАТО. По неуспехот на Рамбује и пропаста на последната дипломатска мисија на Холбрук, НАТО ја започна најголемата воена операција во Европа по крајот на Студената војна. За Србија тоа значеше почеток на кошмар и агонија што ќе трае седумдесет и осум дена. Во Косово започна бегалски бран без преседан, вистински егзодус на цивилното население што бегаше од воениот виор во потрага по спас. За Македонија, пак, започна вистинската приказна за нејзината улога како колатерална штета на конфликтот.
Првото место каде што Македонија непосредно се судри со последиците од војната беше Блаце. Во деновите по почетокот на бомбардирањето, северната граница се претвори во библиска сцена каква што дотогаш граѓаните на Македонија гледаа само на телевизиските извештаи од Либан, Босна или во Африка. Илјадници косовски Албанци, со животи сведени на едно набрзина спакувано куферче и погледи полни со грижа за неизвесната судбина, влегуваа во Македонија. Овој развој на настаните создаде хуманитарна, безбедносна и политичка криза од такви размери какви што младата државата дотогаш немаше никогаш искусено.
Истовремено, во Скопје започнаа протестите пред Амбасадата на САД против НАТО-бомбардирањето. Токму тогаш за првпат стана јасно дека косовската војна ќе значи и внатрешна криза за Македонија затоа што веднаш и најбрутално навлезе и го загрози секојдневниот живот на граѓаните во Македонија. Но дури и тогаш реалноста беше многу посложена од подоцнежните политички митови. Косово и Македонија со векови живееја во иста држава. Македонците, Албанците и Србите работеа во исти претпријатија, служеа во истата армија, студираа на истите универзитети и создаваа лични врски што не можеа лесно да се избришат дури ни во лудилото на воениот виор. Речиси секој Македонец познаваше понекој косовски Албанец. Некому тоа му беше колега од работа, некому пријател од студентските денови, некому поранешен војнички другар од ЈНА, а некому деловен партнер или семеен пријател. Истовремено, речиси секој Албанец од Македонија познаваше Срби од Србија или Косово преку истите точки на заедничкиот животопис на граѓаните на поранешна Југославија. Спротивно на актуелните митови на постјугословенските националисти, кои ја претставуваат поранешната федерација како некаква „темница на народите“, во стварноста Југославија беше и повеќе од пристојно место за живеење каде што животната врвица на секој граѓанин ткаеше длабоки врски со луѓе од сите можни југословенски народи, народности, етнички групи, вери и јазици. Токму затоа, додека новинарите се занимаваа со намерите на САД, НАТО, Милошевиќ и на УЧК, најголемиот дел од луѓето френетично се обидуваа да направат нешто многу поприземно: да дознаат кој е жив, кој успеал да избега, кому му треба сместување, кому пари, а кому само телефонски повик за добра мисла и толку потребна душевна поддршка.
Трагедијата на 1999 година беше што човечката солидарност и политичките емоции почнаа да се движат во различни насоки. На човечко ниво, Македонците и Албанците често си помагаа едни на други многу повеќе отколку што денес сме подготвени да признаеме. На политичко ниво, пак, истите настани се прекршуваа низ различни, а често и спротивставени призми. Токму таму започна вистинската штета што косовската војна ѝ ја нанесе на Македонија.
За Албанците во Македонија, косовската војна не беше некаква телевизиска војна на некое зафрлено ќоше на глобусот. За секого од нив војната имаше сериозен личен и интимен момент. Бегалците што пристигнуваа во Блаце не беа некакви безимени јадници од телевизиските екрани. Тоа беа браќа, сестри, братучеди, кумови, пријатели и сонародници. Секое ново семејство што пристигнуваше носеше и нова приказна за загубениот дом, исчезнатиот роднина или за неизвесната судбина. Еден ден ќе треба да напишам посебна приказна за моето дружење со Ментор Агани, синот на трагично убиениот косовски политичар Фехми Агани, и мој добар пријател од студиите во американскиот град Питсбург. Правилото на дваесеттиот век беше дека бегството од воениот виор не е привремено туку конечно и дека изгубените огништа веќе никогаш не се враќаат. Во такви околности беше сосема очекувано Албанците во Македонија да сочувствуваат со косовските Албанци и во интервенцијата на НАТО да гледаат одлучен потег на меѓународната заедница што конечно ја запира нивната трагедија. Да, постоеја и стравови што би се случило ако бегалците трајно и конечно останат на територијата на Македонија, но во првите моменти на трагедијата солидарноста пред несреќата ги замолкнуваше овие очекувани грижи.
За голем дел од Македонците, пак, сликата изгледаше сосема поинаку. Македонија и Србија зад себе имаа речиси цел век заедничка држава, од Кралството Србија до СФРЈ, од историја на судир, отпор, пркос, насилство и негирање пред Втората светска војна, до заедничка борба против фашизмот и добар соживот како братски народи и републики во повоена Југославија. Илјадници Македонци имаа роднини, војнички другари, колеги, пријатели, кумови и сватови во Србија. Во нивните очи, бомбите што паѓаа врз Белград, Ниш или врз Нови Сад не паѓаа врз некаква далечна, непозната и егзотична земја, туку врз простор исполнет со спомени, лични врски и заеднички животни приказни. И за Македонците бомбите врз Југославија болеа како бомби врз сопствениот дом. Истовремено, многумина стравуваа дека војната нема да застане на Косово и дека нејзиниот следен чекор ќе биде токму Македонија.
Трагедијата беше што и едните и другите во голема мера беа водени од исти човечки чувства: грижа, страв и сочувство. Но тие чувства беа насочени кон различни страни на истиот конфликт. Албанците гледаа кон Приштина. Македонците гледаа кон Белград. Албанците гледаа надеж во НАТО. Македонците гледаа вовед во нова војна што нема шанса да ги обиколи. Албанците гледаа борба за опстанок. Македонците гледаа закана за опстанокот на сопствениот идентитет како народ, а Албанците дека баш тогаш тече борбата да се зачува својата посебност. Војната во Косово првпат создаде ситуација во која двете големи заедници во Македонија не само што различно ги толкуваа настаните туку различно ја замислуваа и иднината што доаѓа по нив. Бегалскиот камп „Стенковец“ стана симбол на внатрешната поделба во Македонија. За Албанците тоа беше силен знак на една човечка трагедија на нивниот народ и лична рана што крвави. За Македонците тие беа симбол на една нова неизвесност што допрва се приближуваше кон државата и вовед во нова воена епизода и претчувство за надоаѓачката сопствена несреќа.
И токму тука беше вистинската колатерална штета од 1999 година. Не во бегалските кампови, не во економските загуби и не во дипломатските спорови. Туку во моментот кога Македонците и Албанците почнаа да градат две различни историски приказни и две различни визии за иднината на сопствената држава. Она што една деценија внимателно се градеше преку политички компромиси, заеднички институции и секојдневен соживот беше длабоко разнишано. Мостовите не беа урнати, но по нив се појавија опасни пукнатини. Од тие пукнатини, само две години подоцна, ќе изникне кризата од 2001 година.
Не беа сите заслепени од дневната политика и од воената пропаганда. Имаше и гласови што предупредуваа дека вистинската опасност за Македонија не доаѓа ниту од НАТО, ниту од Милошевиќ, ниту од УЧК, туку од постепеното топење на внатрешната кохезија на државата. Меѓу најгласните беше Петар Гошев, кој во текот на 1999 година предупредуваше дека косовската криза може да предизвика длабоки потреси во демократскиот развој на Македонија и да ги поткопа темелите врз кои се гради младата држава. Во момент кога најголем дел од јавноста беше преокупирана со дневните драматични настани, малкумина беа подготвени да размислуваат за долгорочните политички последици. А токму тие последици се покажаа како најопасни.
Косовската војна произведе уште една жртва што западната дипломатија одби да ја признае: сопственото разбирање на Македонија. Опиени од сопствениот успех во Косово и уверени дека ја добиле битката за новиот балкански поредок, голем дел од меѓународните претставници не ја согледаа длабочината на промените што се случуваа во земјата. Наместо внимателно да ја анализираат новата политичка реалност, тие сѐ повеќе прибегнуваа кон интелектуално мрзливи објаснувања за „балканскиот национализам“, „вечните етнички омрази“ и „неразумните племенски страсти“ (во тој период запознав премногу дипломати што ја цитираа книгата на Роберт Каплан „Духовите не Балканот“, нормално без воопшто да ја прочитаат, но и кои беа убедени дека тука ги чекаме како некакви волтери, џеферсони или аденауери што треба да нѐ цивилизираат по онаа поема на Киплинг за „Товарот на белиот човек). Во нивното толкување, секоја загриженост кај Македонците беше „национализам“, секое албанско незадоволство беше „борба за права“, а секој предупредувачки сигнал од теренот беше отфрлан како локална хистерија. Македонците и Албанците не беа гледани како современи политички заедници со свои легитимни стравови, искуства и интереси, туку како етнографски примероци од некаков егзотичен балкански музеј. Токму тој вид културна надменост, а понекогаш и прикриен културен расизам, ги заслепи за вистинските последици од косовската војна. Наместо да ги залечат новонастанатите пукнатини, со своите поедноставени претстави и погрешни процени тие често дополнително ги продлабочуваа.
На крајот, Рамбује доби фуснота, НАТО ја доби својата војна, Косово ја доби својата нова реалност, Србија ги пребројуваше урнатините, а Македонија повторно се најде таму каде што премногу често завршува во својата современа историја: помеѓу фуснотите на геополитиката. Вечна колатерална штета на туѓите решенија и на нивните заблуди.
































