Фото: Принтскрин/Јутјуб

Американската дипломатка Анџела Прајс Агелер, која е номинирана од претседателот Џо Бајден да биде нова амбасадорка во Скопје, рече дека ќе ѝ помогне на Македонија да развие стратегија за поефикасна борба против корупцијата, на сослушувањето пред Комитетот за надворешни работи на Сенатот. Таа кажа дека ќе работи на поддршка на земјата да стане поотпорна на штетни влијание од трети страни, посочувајќи ги Русија и Кина.

„САД и Северна Македонија делат многу заеднички приоритети, вклучувајќи ги борбата против корупцијата, подобрување на владеењето на правото и зајакнување на доброто владеење. Ако бидам потврдена, ќе ги охрабрам судските реформи и ќе ги повикам институциите на Северна Македонија да промовираат транспарентност, да ги истражат наводите за злоупотреби и одлучно да се спротивстават на корупцијата за да ја зајакнат довербата на јавноста во владеењето. Ќе работам со меѓуагенциските партнери за да ѝ помогнам на Северна Македонија да развие национална стратегија која ефективно ќе бара одговорност од корумпираните актери. Ако бидам потврдена, ќе работам на поддршка на економската иднина на Северна Македонија преку политики за зајакнување на нејзината инвестициска клима, зајакнување на инфраструктурата, подобрување на енергетска диверзификација и безбедност, како и на градење отпор на штетни надворешни влијанија, вклучително и од Русија и Кина“, рече Агелер.

Доколку биде потврдена за амбасадорка, Агелер рече и дека ќе работи на надградување на стратешкиот дијалог меѓу двете држави, преку продлабочување на соработката меѓу армиите на двете земји.

Агелер беше номинирана од Бајден да биде нова амбасадорка во Скопје на 26 мај. Досега таа беше в.д. амбасадорка и заменичка на амбасадорот во Исламабад, Пакистан. Претходно има работено на разни функции во Стејт Департментот и во амбасадите во Париз, Ханој, Њу Делхи и Будимпешта, како и во амбасадата во Скопје, задолжена за односи со јавноста.
Нејзиниот мандат во Скопје беше во времето на амбасадорите Филип Рикер и Пол Волерс, 2011-2014.