КФМ и Бајиќ се спогодија да ја прекинат соработката. Досега македонската репрезентација ја водеа 15 тренери, и тоа Давитков и Докузовски по двапати, а по еднаш Књазев, Георгиевски, Андоновски, Лечиќ, Марковски, Арсиќ, Лазовски, Пипан, Џикиќ, Србиновски, Раца, Тодоров и Бајиќ
КОШАРКА
Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) и досегашниот селектор Драган Бајиќ се спогодија да ја прекинат соработката околу понатамошниот ангажман на Бајиќ во машката сениорска репрезентација на Македонија, објави КФМ на својата интернет-страница.
– Од оправдани причини, односно здравствени проблеми со кои се соочува во изминатиот временски период, Драган Бајиќ повеќе не е во можност максимално посветено да одговори на обврските што со себе ги носи работењето во сениорскиот национален тим. Земајќи ја предвид потребата машката А-селекција да има стратег што секојдневно ќе биде посветен и во тек со сите збиднувања поврзани со репрезентацијата, како и оддалеченоста и професионалните клупски обврски на досегашниот селектор, двете страни пријателски и фер се согласија околу прекинувањето на соработката – објави КФМ, заблагодарувајќи им се на Бајиќ и на неговите соработници, Адмир Прасовиќ и Александар Кукриќ, за досегашното работењe во репрезентацијата.
Новиот селектор ќе дебитира на клупата во август, кога почнуваат претквалификациите за пласман на Европското првенство во 2025 година. Македонија е во група со репрезентациите на Словачка, Данска и на Норвешка. Во квалификациите ќе игра само првопласираната селекција од групата, а другите ќе имаат уште една шанса и ќе продолжат во третиот круг претквалификации.
Досега македонската кошаркарска репрезентација ја водеа 15 тренери. Јорданчо Давитков и Марин Докузовски беа селектори во два наврата, а по еднаш на кошаркарското кормило беа Александар Књазев, Благоја Георгиевски, Стерија Андоновски, Лазар Лечиќ, Заре Марковски, Јовица Арсиќ, Марјан Лазовски, Алеш Пипан, Александар Џикиќ, Марјан Србиновски, Драган Раца, Александар Тодоров и Бајиќ.