Нова светска шампионка во маратон е Гебресласе со нов рекорд на светските првенства, а во другите дисциплини на СП 2022, кај атлетичарките Рохас во трискок, Кипјегон на 1.500 м и Тиам во седмобој ја задржаа својата глобална доминација, како и Баршим во скок во височина за мажи

АТЛЕТИКА

Македонската атлетичарка Адријана Поп Арсова го освои 28-то место во маратонската трка на Светското првенство (СП) во Јуџин (САД), за која беа пријавени 41 атлетичарка. Поп Арсова, која е единствена претставничка на Македонија на СП 2022, патеката од 42,195 километри ја претрча за два часа, 41 минута и 20 секунди.
Нова светска првенка во маратон е Готитом Гебресласе, со нов рекорд на светските првенства, 2:18,11 часа, за повеќе од две минути побрзо од досегашниот рекорд на мундијалите (2:20,57 часа), поставен од Британката Пола Ретклиф во 2005 година, на СП во Хелсинки (Финска). Тоа беше и личен рекорд за Гебресласе, која на маратоните дебитира со победа, на трката во Берлин, во 2021 година.
Во други дисциплини на СП 2022, атлетичарките Јулимар Рохас од Венецуела во трискок, Фејт Кипјегон од Кенија на 1.500 м и Нафи Тиам од Белгија во седмобој ја задржаа својата глобална доминација, а во финалето во скок во височина кај мажите Мотаз Иса Баршим од Катар ја освои својата трета светска титула по ред со скок во височина, со скок од 2,37 метри, рекорд за годинава, објави Светската атлетика (СА) на својата интернет-страница.
Рохас е олимписка првенка, трипати по ред светска шампионка во сала и на отворено и светска рекордерка на отворено (15,67 м) и во сала (15,74 м), Кипјегон освои злато на две летни олимписки игри по ред (во Рио во 2016 и во Токио во 2021 година), има две светски титули и два триумфа во Дијамантската лига, Тиам е двојна олимписка и светска првенка и европска шампионка на отворено и во сала, Баршим трипати по ред е светски првак, актуелен олимписки шампион…