Бигмен (1)

Сѐ почна со езерото на градскиот плоштад. Сепак стигна да помисли: „Плоштадот не е толку голем да се создаде езеро тука“, но галијата веќе беше спремна да заплови по него. Црнокосата жена со која се држеа за раце живна и го повлече кон бродот: – Ајде, одиме, побрзај!
Сонцето се искачи високо на небото кога задишани и испотени втрчаа во галијата. Патниците весело им отпоздравуваа на луѓето на кејот, некои истовремено зборувајќи со мобилниот на увото. Пловидба! Се отвори патот кон некоја многу поголема и подлабока шир од плоштадот, дури и од целиот град, а езерцето се претопи во езериште, или можеби беше море? Во секој случај, над нив, по небото кружеа распеани галеби, што во него зачна некоја речиси исконска радост: „Колку сакам да сум на брод, и на јаве, и на сон!“. И таа уживаше во пладневниот морски ветрец и галебите, мавташе со рацете, се смееше гласно на палубата, дури, фаќајќи го за рака, го затрча во круг. Потоа, задишени, се потпреа на оградата и гушнати гледаа долу во пената зад бродскиот пропелер, додека ленената бела кошула на жената одвреме-навреме ќе се завиореше од ветрецот.
Но бродот, откако ја заврши својата планирана обиколка (зошто не беше подолго, подолго?), реши да се врати кон пристаништето.
„Па ова не е истиот плоштад од кај што појдовме?“, се запраша, но не стигна да си одговори, зашто одеднаш, однекаде се создаде куфер со тркалца крај нивните нозе: – Да побрзаме, нѐ чекаат, да стигнеме на свеченоста – таа повторно го употреби глаголот „да се побрза“, иако тој сакаше да ѝ каже колку би било подобро да прездивнат, можеби на неколку саати да тркнат до „Прајвет“, нивниот омилен хотел и да го збогатат ова медитеранско доживување нурнувајќи во длабнатинките на нејзиното тело, под мишките, меѓу нозете, од каде што избива морска свежина. Смисли и една дополнителна разнежнувачка реченица, „како деца толку се гушкавме, и нѐ гушкаа, а како возрасни за тоа немаме време“, но ништо од тоа не успеа да изрече. Откако се симнаа од бродот, забрзаа кон градското собрание, сосе куферот чии тркалца штракаа по плочникот. Беше сигурен дека се вратиле во некој друг град, ама тоа како да не беше важно. Жолто-портокаловото собрание, со огнено-бронзена купола што се извишуваше над другите градски куќи како тркалезен, светкав остров и што личеше на италијанско duomo, а очигледно не беше катедрала, туку со знамињата што се виореа на закачени на фасадата ја наметнуваше својата световна, општествена важност, имаше отворени масивни дрвени порти со послан црвен тепих што преку влезните скали продолжуваше кон внатре, како свечена патека што водеше кон долга, многу долга сала, од страните со високи прозорци дополу прекриени со тешки, бордо завеси.

Кога влегоа во салата таа веќе беше исполнета со жени и мажи, повеќето веќе седнати, а неколкумина сѐ уште си ги бараа местата, ги загледуваа броевите на столчињата и ги споредуваа со ливчињата што ги држеа во рака. – Сепак, безгласно стигнавме навреме – се обиде да се пошегува додека се движеа низ средината на салата по тепихот што го стивна тропкањето на тркалцата од куферот, но таа и натаму со брз чекор се упати кон првите редови на гледалиштето. – Срце, што толку се возбудуваш, се разнежни – Сѐ ќе биде во ред. Но кај неа очигледно немаше време за колебливост додека се наближуваа до челото на салата. Се покажа дека таму има поткрената бина со издолжена маса од темно дабово дрво зад која седеа пет постари мажи со сериозни лица и опуштени тела, а пред нив бронзена статуетка на крилест Пегаз. – Членовите на жирито – му поткажа таа, многу потивко од коментарот на една височка девојка во скап црн фустан без ракави што се издвои од мрморот на публиката: – Ене го лауреатот! Махинално ѝ возврати со насмевка, сфаќајќи дека сепак е планиран да биде специјален учесник на оваа свеченост. – Изгледа ме чекаат – си потврди со извесно чувство на важност, но таа без да одговори се запре, заедно со тркалцата на куферот зад нив, е тука сум, четврти ред десно, изјави, здогледувајќи еден празен стол, очигледно резервиран за неа, брзо го гушна и го бакна во образот, сѐ ќе биде во ред, го охрабри и со куферчето се вовлече на своето место. За миг тој остана сам, застанат сред преполнетата сала додека сојузничкиот џагор не го поттурна кон бината.
Кога се најде таму, свртен кон многубројната публика, од таа силна глетка малку му се сврте во главата, како да е на отворено море, ама не како она од сончевата прошетка со саканата жена, туку едно друго, со преголеми бранови што опасно го фрлаат бродот како оревова лушпа.

(продолжува)