Еве нов модифициран предлог – францускиот предлог да се преименува или прекрсти во омакрон. Доста само нас нѐ преименуваа и прекрстуваа, а сега сакаат и да нѐ поништат како народ и како држава. Од биолошкиот омикрон и како граѓани и како држава веќе стекнавме колективен имунитет. Останува да видиме колку сме отпорни на модифицираниот, француски и политички омакрон
Македонија е под целосна опсада. Изложена на вкрстен оган и однадвор и одвнатре. Ова е веќе брутална политичка агресија со сите можни средства, со единствена цел бришење на македонскиот идентитет.
И додека во моментов се води војна, за која зборува целиот свет, во Украина, не помалку опасна и драматична битка се одвива и во Македонија. Иако во принцип суштината е речиси иста. Различна е само реториката. За случувањата во Украина се користи терминот окупатор, при што западните партнери и цела Европа помагаат на сите можни начини, со логистика, оружје и со пари, да се исфрли окупаторот, кој самите така го нарекоа. Во Македонија состојбата е обратнопропорционална. Кај нас со сите сили се прават обиди за инсталација на надворешен окупатор. Во лицето на Бугарија и со сесрдна помош на Европа.
Спротивно на волјата на граѓаните, кои категорично ги отфрлија бугарските и европски уцени. Но Европа и западните партнери и понатаму притискаат и се залагаат за окупација на Македонија под плаштот на некаква наводна идна европска интеграција. Ете, тоа се вредностите и моралот на Европа?! Францускиот предлог во својата суштина не е ништо друго туку агонија, бришење, асимилација и изумирање на сѐ што е македонско. Или, со други зборови, нова бугарска окупација на Македонија, овој пат со амин на Европа. Ако за време на Втората светска војна бугарските окупатори дојдоа насила во Македонија, убиваа, колеа и пролеваа македонска крв, сега се бара од Македонија сама доброволно да ги покани и прифати како свои администратори и асимилатори. За век и навек. Со свој потпис да си ја запечатиме судбината. Но истовремено и минатото и иднината. Да се одречеме и откажеме од тоа што сме и тоа што отсекогаш сме биле – Македонци, за наводно некогаш да станеме Европејци. Но Европејци без сопствен идентитет и историја. Па, добро, бре луѓе, кој кого овде смета за недоветен? Или поверојатно странските ментори и домашните подизведувачи ги помешале лончињата и ги потцениле мудроста и непокорот на македонскиот народ. Затоа толку се брза да се заврши што побрзо работата и да се протурка францускиот предлог, згора-здола и по секоја цена.
Па, пак почнаа да ни доаѓаат разни емисари, да ни кажуваат што треба да направиме и што било добро за нас. Демек ние не знаеме што чини, а што не чини, па тие ќе ни кажат.
Еве со катиљ-ферман се јави и Макрон. Лично творецот на таканаречениот француски предлог. Или можеби креаторите се од Македонија, а Макрон е само аберџијата и стројникот. Како и да е, овој најнов модифициран предлог од Макрон некако многу потсетува на вирусот омикрон. И по името и по ефектите. Затоа, наместо француски предлог, може слободно да се преименува или прекрсти во омакрон. Па, доста само нас нѐ преименуваа и прекрстуваа, сега сакаат и да нѐ поништат како народ и како држава.
Инаку, ако омикрон ги напаѓа дишните патишта и го омалаксува целиот организам, овој модифицираниот омакрон го напаѓа идентитетот, го брише генетскиот код и ја преиначува историјата. Но, како и кај сите вируси, има и одредени разлики помеѓу биолошкиот омикрон и политичкиот омакрон. Разликата е тоа што првиот е неселективен и не бира кого ќе закачи, додека омакрон е крајно селективен и се однесува само на македонскиот народ и држава. Од омикрон и како граѓани и како држава веќе стекнавме колективен имунитет. Сега останува да видиме колку сме отпорни на омакрон. И тука веднаш да расчистиме со некои измислени и фабрикувани тези што циркулираат во јавноста.
Таканаречениот француски предлог на Макрон, кој помина на Влада и сега е во Собрание, се претставува како наводен европски предлог за да се потенцира дека наводно цела Европа стои зад него. Тоа не е точно. Таков предлог воопшто не може да биде европски, зошто во срцевината е антиевропски. Зад предлогот веројатно стојат неколкумина европски политичари, кои пред сѐ се загрижени за својата политичка кариера и затоа од петни жили се трудат да го протуркаат. Но зад ваквиот предлог во никој случај не може да стои демократска, прогресивна и правдољубива Европа.
Зашто демократска, прогресивна и правдољубива Европа не поддржува окупација, не поддржува тортура, не поддржува искривоколчување и бришење на историските факти, не поддржува асимилација на цел еден народ и држава, не поддржува прекршување на човековите права итн. Тоа е повеќе од јасно. Сосема сум уверен дека доколку овој таканаречен француски предлог се стави на референдум во која било држава во Европа, освен во Бугарија, тој ќе биде апсолутно отфрлен од граѓаните. Како што беше со огромно мнозинство отфрлен и во домашните анкети и истражувањата на јавното мислење тука во Македонија. Затоа, народе македонски, главата горе, ништо не е изгубено и ништо да не ве плаши.
Од друга страна, без разлика кој како сака да го претстави и прикаже, францускиот предлог е најголемиот срам и пораз пред сѐ за Европа. За демократијата, принципите, стандардите и начелата на кои почива самата Европска Унија. Тоа е динамит на носечките столбови на ЕУ и, порано или подоцна, тоа ќе го увиди и самата ЕУ.
Во продолжение и за некои домашни случувања во однос на истата тематика. Којзнае по кој пат се покажа и докажа дека Македонија практично нема дипломатија, ниту некаква политичка доктрина по суштествените прашања. Наместо тоа, се раководиме по принципот кому иде или купи ден продај. Затоа и ни се случуваат вакви дебакли, кои скапо ја чинат државата. Однадвор нѐ третираат како климоглавци, да не речам празноглавци, на кои каков предлог и да им се донесе, само ќе кимаат со главата во знак на одобрување. Како поткрепа на овие тези, еве ќе поставам и неколку прашања.
Како е можно македонските претставници што го договарале францускиот предлог да не инсистирале во него да се вклопи Резолуцијата што со консензус ја усвои македонското собрание за црвените линии на државата во однос на сите идентитетски прашања?
Ако, пак, не учествувале во преговорите, како што велат самите, тоа само ја потврдува тезата дека се климоглавци.
Понатаму. Како е можно во францускиот предлог да се вклучени сите бугарски барања и уцени, а ниту едно од македонските стратегиски барања? Чиј пропуст и чија одговорност е тоа? Тезата што се вергла постојано, дека наводно сме добиле чист македонски јазик, не е точна, бидејќи во истиот предлог се остава простор тој чист македонски јазик некој да го толкува како дијалект на бугарскиот. Или, што би рекол народот, она што сме го добиле се вика од готово – вересија.
Понатаму. Чуму овој театар пред јавноста со работни групи на политичките партии, кои демек ќе дадат свои забелешки на предлогот, кога тоа ништо нема да смени? Зошто уште се замајуваат јавноста и граѓаните? Треба на граѓаните јасно да им се каже дека предлогот е непроменлив и може само да се прифати или отфрли во формата како што е даден. Сѐ друго е само барање алиби, дека нешто политички се прави, односно претурање од шупливо во празно.
Понатаму. Зошто толкава доза на политичко тактизирање, надмудрување, кога од Месечината се гледа дека предлогот не е добар за Македонија? Можат ли народните избраници пак да одат против сопствениот народ? Какви се тогаш тие народни избраници ако не ги штитат интерeсите на народот, туку работат за туѓи интереси? Кои се последиците за оние што ќе ја предадат сопствената држава? На сите овие прашање треба да се дадат одговори. Колку побрзо – толку подобро. Лесно е да се притисне зелено копче. Многу потешко е да се живее потоа со последиците од тоа.
Еден светски мислител многу одамна има кажано: „Оној што има намера да пишува историја, должен е да ѝ принесува жртва само на вистината“. А историска и библиска вистина е дека Македонија постоела со векови и треба да постои и понатаму. Ќе опстои, но само ако самите не си активираме некоја разорна политичка бомба што може да нѐ разнесе идентитетски како народ и како држава.Се надевам дека такво нешто нема да се случи.
Сосема на крајот, една порака до народните избраници. Пред да одлучите што било, најпрво послушајте ги своето срце и својот народ. Само така ќе донесете исправна одлука. За Македонија, за вас, за вашите предци и за идните поколенија.
aleksandar.d @novamakedonija.com.mk